Дегутантен воајеризам во реалните шоуа

Реалните шоу-програми веќе се некаков меинстрим ТВ-продукт во светот, кој постојано ги поместува етичките граници на интимноста

Јасминка Павловска


Не е познато во која прилика, по кој повод и во кое време Вуди Ален изјавил дека „во Холивуд не се фрла ѓубрето - од тоа се прави телевизиска програма“. Со почетокот на новата есенска телевизиска сезона на македонските национални телевизии и инвазијата на реалните шоуа во програмите, почнуваме да веруваме во илузијата дека сме Холивуд - барем што се однесува до фрлањето на ѓубрето. Навистина можеби доцниме зад светските трендови во тој поглед, но „задоволството е неизбежно“ зашто „Големиот брат“, „Фарма“, „Менувам жена“, „Се' за љубов“... ни дојдоа на А1 и на Сител (нешто од Србија, нешто од Хрватска) со македонско титлување, или барем со натсинхронизирани коментари на македонски. Законската форма за емитување странски програми на македонските телевизии е горе-долу испочитувана, додека идејата и содржината на овие забавни емисии се толку „широки“, што веројатно не можат да се опфатат со закон.

Навистина, забавните телевизиски програми не треба да бидат ограничени со малограѓански конзервативизам, но тоа не претпоставува дека треба да се форсира тотален невкус и да се поттикнува на ниски страсти и воајеризам во ударен вечерен програмски термин. Уште во првите епизоди на „Големиот брат“, кој само втора седмица се емитува на програмата на А1 (а ќе трае уште три месеци), беше јасно дека концепцијата на шоуто е да се случи сексуален однос пред камерите. Затоа што учесниците во шоуто, доброволно затворени во куќата на „Големиот брат“ во Белград, немаат никаква реална цел во ова шоу, освен да воспоставуваат некакви односи меѓу себе и со својата (не)обичност да ги освојуваат (не)симпатиите на ТВ-аудиториумот, кој гласа преку СМС-пораки, со посебна цена на услугата. Додека во другите шоу-програми, постои некаква, каква-таква, тематска цел т.е. треба нешто да се работи („Фарма“ - одржување на некаков селски имот, „Операција триумф“ - да се „испече“ музичкиот занает...), во „Големиот брат“ треба само да се безделничи, за да се предизвика „основниот инстинкт“. При тоа, уште на почетокот во куќата на „Големиот брат“ најмногу се истакна Македонката, па рекламните форшпани за шоуто од типот „Нашата не ги собира нозете“, во дилема сме дали да ги доживуваме како причина за „национална гордост“, да го смениме ТВ-каналот, или сосема да го исклучиме телевизорот да не се „воздигнеме од премногу гордост“.

Ефектот на реалните шоуа, како главен адут на телевизиската програма, во Македонија можеби сега ја доживува својата кулминација. Подалеку од нашиот ТВ-атар, иако постојано под притисок на критиката (дури и на онаа либералната), реалните шоуа веќе се некаков меинстрим ТВ-продукт, кој постојано ги поместува етичките граници на интимноста и параметрите за бизарност. Изминатата пролет беше тема на дискусија во британскиот парламент, реалното шоу во кое Британката Џејд Гуди буквално умираше пред ТВ-камерите. Веројатно ќе треба да се навикнуваме на оваа тенденција и во нашиот ТВ-етер, зашто програмско-содржинскиот натпревар на забавните програми на нашите телевизии се одвива според поговорката: „Видела жабата дека коњот го потковуваат, па и таа кренала нога“. Во меѓувреме, слаба утеха е циничната мудрост на францускиот драматург Марсел Ашар дека „телевизијата е измислена за неписмените да имаат причина да носат очила“.


#