02.01.2012, 18:09

Мое ќоше

До Претседателот Глигоров

Ерол Ризаов

Со време ќе бидеме многу погорделиви кон Вашето историско дело

Првиот текст во Новата 2012 година Ви го посветувам Вам почитуван претседателе Глигоров. Престанувате да и' пркосите на природата и на биологијата. Тоа го одлучивте наполно спокоен и сосема свесен дека веќе си го заземате своето заслужено место во историјата. Со време и ние, а особено оние што доаѓаат ќе бидеме многу погорделиви со Вашето дело како прв претседател на независна и слободна Република Македонија, но и за многу други работи што ги направивте за својата Татковина и за својот народ. Историјата е тука непогрешлива, кој колку сака сега нека брише и нека допишува, науката ги става работите таму каде што им е местото. Некогаш за тоа треба повеќе време. Кај Вас тој процес е почнат од поодамна и ќе трае, се надевам, без можности некој да го попречи.

Почитуван Претседателе, кога кој било човек ќе наполни 90 години, фер е кон него да се однесуваме со посебен респект и внимание. Но, кога првиот претседател на една држава за неколку месеци ќе влезе во 96. година од животот и е наш современик, но и на повеќе генерации македонски страдалници, кога е современик и директен учесник на големи историски настани, ред е тоа внимание да биде изразено на еден посебен начин како кон една историска институција на државноста, како кон голем државник, како кон татко на нацијата. Вие тоа внимание од граѓаните го добивате не како култ на личност, ниту од страв, ниту од лицемерство, туку исклучиво како почит и уважување, како среќа и придобивка што бевте на чело на државата во нејзините најтешки мигови и што дадовте огромен придонес за осамостојување на Република Македонија. Огромна е Вашата заслуга што независноста на Македонија е стекната без ниту еден испукан куршум и без ниту една жртва. Распадот на Југославија беше проследен со големи трагедии, најголеми по Втората светска војна на европскиот континент. Илјадници жртви, опустошени градови и села, големи преселби и напуштање на родните огништа беа драматичните слики од нашето најблиско соседство, од некогаш нашата заедничка татковина кои го обиколија светот и оставија вечни рани на овие простори. Со Вашите мудри одлуки, заедно со Вашите соработници успеавте Македонија да ја тргнете настрана од оваа голгота. Единствено Македонија доби независност без ниту една жртва на своја територија. Македонски жртви имаше само на боиштата низ Југославија. Тогаш злогласната Југословенската армија замина од Македонија со Договор како од суверена држава на кој стои Ваш потпис. Останува како историска порака Вашата реченица: „Сето тоа железо не вреди ниту еден човечки живот“, алудирајќи на оружјето што го однесе ЈНА. Таа реченица Ве вбројува во современите европски држaвници. Да, почитуван Претседателе, ќе погрешев, имаше и жртви. Првата цел бевте Вие. Атентаторите добро процениле, удрија во тогаш најсилната македонска брана на новата држава. Удрија во Вас со цел да се спречи независноста и да се предизвика дестабилизација. Во една од најголемите енигми во поновата историја на Македонија - атентатот врз Вас загинаа и вашиот возач Александар Спировски и еден случаен минувач Ице Христоманов. Вие таа тешка повреда како медицински феномен ја пребродивте и успеавте да заокружите еден значаен период од независноста на Република Македонија.

Почитуван Претседателе, ако граѓаните на Македонија Ви оддаваат голема почит и ја прифаќаат со радост секоја средба со Вас, нашите партиски елити на власт кои не успеваат да ја надминат границата на обични политичари си ја огрешија душата од Вашето монументално дело. Не собраа храброст да ги прерипаат партиските тараби и да Ви оддадат заслужено признание и уважување, не само Вам, туку преку почитта кон Вас да се воздигнат и себе си и Татковината. Иако со ништо не им попречивте во нивното владеење, со ниту еден збор, во последните години често Вашите достигнувања ги злоупотребуваат и минимизираат заради нивните дневнополитички потреби во битката за власт. Последен таков пример е нашиот најсилен адут пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Привремената спогодба за која толку кал фрлија врз Вас. Денес, почитуван Претседателе, подготвени се и молат да бидеме примени во НАТО и во ЕУ со референцата Поранешна Југословенска Република Македонија. Ама не не' сакаат ниту со тоа име. А кога Вие го направивте тоа пред речиси две децении, без малку го прогласија за предавство. Се' уште има жешки глави кои не знаат што значи да си надвор од ОН како ничија и сечија земја.

Почитуван Претседателе, ја имав таа чест да работам повеќе интервјуа со Вас и да бидам повеќепати во Ваша близина кога се донесуваа крупни одлуки за иднината на Македонија. Една од тие е нашиот прием во ОН 1993 година. При неколку значајни посети на Русија, Турција, Америка... секогаш Вашата мудрост и искуство ги пленеше големите државници. Го гледав со гордост тој респект кон еден претседател на мала држава кој кинисал со достоинство и мудрост да бара правда и место под сонцето за својата татковина. Видов како ја одбивте сугестијата на Клинтон „дали сте размислувале за трет мандат“. Рековте „тоа е противуставно“, со интонација која не трпи приговор.

Претседателе Глигоров, јас знам зошто од Вашата блиска политичка околина имаше луѓе на кои им пречевте и кои сакаа да Ве изолираат, а ги знам и мотивите на Вашите политички противници да Ве минимизираат. Време е кога сите заедно, при живе, треба да ја симнеме капата пред Вас.



(Текстот е пишуван во неделата попладне, првиот ден од Новата 2012 година, неколку часа пред да почине претседателот Глигоров)