Си велам...
Груевски жртвува министри како пиони
Ерол Ризаов
Диригентот бара нов оркестар кој знае да свири кога тој греши
Премиерот Никола Груевски драматично жртвува неколку пешаци и еден коњ за кралица. Во неговата партија шах, со самиот себе, паѓаат министри и вицепремиери за да се сврти вниманието на јавноста божем од наводните поместувања на ставовите на државниот врв кон компромис за името на Република Македонија. Или, пак, Владата навистина запаѓа во длабока кадровска криза, соочувајќи се со своите грешки. Веќе не може слабата опозицијата за се' да биде виновна. Тоа е цената на апсолутна власт.
Власта молчи и тактизира околу најновите предлози на Метју Нимиц, но, затоа, пак, јавноста преку разни неформални партиски и владини извори има изобилие на информации за експресното кадровско „олеснување и освежување“ на Владата. Во недостиг на официјални извори, широко се отворени вратите на шпекулации, полувистини и дезинформации со кои вообичаено се замаглува вистината кога работите ќе тргнат на лошо.
Наеднаш надојдоа сите реки среде лето, па Груевски е соочен со голема поплава во Владата од проблеми кои тешко може да се скријат. Тече вода од сите страни: името на државата, економска криза, големи корупциски афери, и целосно раштимуван владин оркестар. Диригентот бара нов оркестар кој знае да свири и кога тој греши. Некои министри на заминување се осмелија да му соопштат на премиерот дека е невозможно да се работи со диктат и со тројни стандарди едни за јавноста, други за Владата и парламентот, а трети за државниот и за партискиот врв концентриран во ВМРО-ДПМНЕ.
Проблемот со името чиј фитиљ гореше бавно речиси две децении, сега експлодира со сета жестокост. Нога повлече Ивица Боцевски, веќе бившиот вицепремиер за европски прашања. Неговата неотповиклива оставка прецизно составена и поднесена непосредно пред посетата на Метју Нимиц недвосмислено покажува дека евроатлантските интеграции се во длабок застој. НАТО и ЕУ не се врвен приоритет на Никола Груевски и Владата. Боцевски откри јавно дека нема што повеќе да работи во секторот за Европа. „Исцрпени се сите можности за натамошен ангажман во актуелната Влада“ (читај, со актуелниот премиер). Истото тоа го потврди по два-три дена и неговиот заменик Перо Димшоски, кој уште пожестоко ја обвини Владата дека евроатлантските реформи не се спроведуваат.
Метју Нимиц првпат е оптимист. Искусниот дипломат ја прифаќа кооперативноста на македонскиот државен врв и јавно декларираната подготвеност на компромис. Нимиц соопшти и во Скопје и во Атина дека предмет на неговото медијаторство и мандат отсекогаш било само името, а не националниот идентитет и јазикот кои според него воопшто не се спорни, бидејќи, како што кажа среде Атина, таму има народ (во Македонија - м.з.) кој има своја националност и свој јазик. Се разбира, името на државата не го спомнува поради неговата медијаторска и неутрална позиција.
Наеднаш надојдоа сите реки среде лето, па Груевски е соочен со голема поплава во Владата од проблеми кои тешко може да се скријат. Тече вода од сите страни
По овие изјави на Нимиц, следуваше видлива воздржаност од владини претставници и во Грција и во Македонија, што е сосема разбирливо и е составен дел на преговарачките тактики. За ова не треба да и' се лутиме ниту на Владата ниту на преговарачите. Но, во Македонија се случија неколку работи кои ги откриваат тактиките на Груевски со различни аршини. Најнапред експресно се огласи „Евро-Балкан“, Институт за анализи, близок до Владата, со конкретно барање за прекин на преговорите со Европската унија. Најверојатно, овој институт набргу ќе си го смени името од „Евро“ во „Б��лкански Балкан“. На Јован Донев, директорот на „Евро-Балкан“, веднаш се надоврза Тодор Петров, претседател на Семакедонскиот конгрес, со истото барање итно да се прекинат преговорите со Брисел. Петров непосредно пред доаѓањето на Нимиц, за секој случај, објави света војна за заштита на уставното име. Овие денови такви барања ќе има во изобилие, кои веројатно ќе влезат во делот на стратегијата на Груевски дека е изложен на силен притисок од јавноста која од него бара прекин на преговорите. Провладиниот сервис Сител во својата емисија со инсекти и пациенти, највисок дострел на македонскиот преродбенички журнализам, веќе даде голем бел бумбар за запирање на преговорите. Слични тактички маневри набргу ќе стасаат и од Грците. Папандреу веќе бара вонредни избори, а Нимиц го предупреди дека тоа ќе го запре преговарачкиот процес на НАТО и ЕУ со Македонија што може да има последици по стабилноста на регионот. Во меѓувреме, за да не излезат работите од контрола на власта, е запрена иницијативата и во македонскиот парламент за единствена национална стратегија околу името на државата.
Оли Рен и Солана доаѓаат следната недела да ни кажат, меѓу другото, дека тоа што го правиме е прочитана книга. Наградата со визната либерализација лично ќе му ја предадат на премиерот Груевски. Но, она што нема да го дознае веднаш јавноста е дека ќе му кажат уште нешто, дека таа награда може брзо да се истопи ако и натаму се блефира со реформите. Ќе го прашаат зошто си замина Боцевски, иако го знаат одговорот.
Дали забележувате веќе од поодамна нема јавни седници на Владата. Ќе беше убаво да ги чуеме расчинетите министри на владина седница пред премиерот кој ги назначил да кажат зошто „доброволно“ си заминуваат. А и Груевски да им каже што има да им каже. Оставката, на пример, на Перо Стојановски, министер за образование, е мошне тешко обвинување упатено до премиерот Груевски. Стојановски обвинува за неможноста да се отстрани политиката од образованието. Партизацијата на целиот образовен систем е метастазиран до несогледливи димензии со тешки последици кои допрва ќе ги почувствува македонското општество. Застрашувачко е обвинувањето на министерот Стојановски дека политиката стана поважна од науката во една од најчувствителните дејности за иднината на Македонија. Другиот министер, пак, Трајко Славевски, среде тешка финансиска криза не сака да поднесе оставка, туку бара соочување со премиерот. Не е подготвен за оставка, бидејќи очигледно се чувствува како жртва на валкана игра. Најисполнителниот министер во преродбата на Груевски претпочита да биде разрешен. Мора да си оди, затоа што ги исполни сите барања на својот премиер, дури и оние кои беа против неговите убедувања и кои се во судир со економските законитости. И слепо послушните некогаш завршуваат како Славевски. Ќе видиме колку ќе биде храбар да ја каже вистината од парламентарната говорница. Министерот за земјоделство, пак, Ацо Спасеновски, е типична политичка жртва, не на коалициони влади и интереси, туку на договор меѓу Ѕинго и Груевски. По неговата оставка нормално ќе биде натоварен со аферите околу „Сведмилк“ каде што исчезнаа околу четириесет милиони евра. На повидок е уште една уште поголема афера тешка стотина милиони евра, а тоа се субвенции за земјоделците кои никако да стасаат до сиромашниот мал земјоделец. Стотици милиони евра за земјоделството одат некаде. Спасеновски знае каде. Обврска му е да каже каде. Подобро сега, отколку кога ќе мора.
Веќе има компетентни и издржани тврдења дека аферата со кинеските двокатни автобуси ќе голтне 25 милиони евра во нечии џебови. Допрва ќе се одмотува и аферата - и плати и пензии која засега го кутна само генералниот секретар на Владата, кој повеќе настрада што не го спречил туѓиот криминал од тие што го направиле тоа. Груевски испрати сериозна опомена и до својот заменик за економски прашања Ставревски со неговото префрлање од економскиот во финансискиот сектор. Некако се' ми се чини тој е „жртвен коњ“ меѓу министрите-пиони.
Преродбата продолжува. Остваривме сто чекори. Останува уште еден. Тој чекор треба да го направи лично премиерот Никола Груевски. |