Кога ќе играат Металург и Вардар про?

Термините во ЛШ се совпаѓаат со нашето првенство, па неизвесно е кога ќе се сретнат лутите ривали

Миодраг Мицковиќ

Се' уште не сме ја заборавиле онаа рашомонијада околу одигрувањето на последниот, решавачки дуел меѓу Металург и Вардар Про за титулата кога беше одложуван повеќе пати и одигран дури по два месеци од предвидениот термин. Дали така ќе биде и овој пат бидејќи Металург, кој е домаќин и Вардар Про својата прва меѓусебна првенствена средба, од четирите што треба да се одиграат до крајот на годинашната сезона според извлечената ждрепка треба да се одигра на 4 октомври. Меѓутоа, на 3 или 4 октомври ракометарите на Вардар Про според веќе одредените и усвоени термини од ЕХФ за мечевите во Лигата на шампионите треба во Скопје да играат со данскиот Колдинг. Значи, ќе мора да се бара нов термин за дерби мечот меѓу Металург и Вардар Про. До вчера вардарците немаат побарано одложување на средбата, сигурно тоа ќе го направат во текот на наредните денови а комесарот за натпревари на РФМ, во согласност на двата клуба треба да одреди нов термин. Кога ќе се игра, се уште е неизвесно бидејќи термините есенва се доста згуснати поради настапите на Вардар Про во Лигата на шампионите и на Металург во Купот на победниците на куповите.

Кога сме веќе кај Металург, постигната е начелна согласност со победникот на Купот на Молдавија, Олимпус, двете меѓусебни средби да се одиграат во Скопје. Се очекува да се потпише согласност со Олимпус и да се одреди терминот 14 и 15 или 21 и 22 ноември. И двата клуба настапуваат во Купот на победниците на куповите.

Металург сериозно се подготвува со мечот на Вардар Про и Олимпус ги засили своите редови со Марко Чурувија кој до скоро играше за шпанскиот прволигаш Теукро а пред тоа за Адемар Леон. Тој веќе потпиша за лигашот од Автокоманда и има веќе одржано четири тренинзи со новиот тим. Се работи за висок играч 198 см, робусен, со силен удар. Во изминатата сезона беше најдобар стрелец во Шпанија со постигнати над 200 гола. Интересно е да се напише дека кога настапуваше за Теукро играше заедно со Божидар Маркичевиќ кој во новата сезона исто така ќе ги брани боите на Металург.

Со доаѓањето на Чурувија, од клубот си замина Душан Миличевиќ со дозвола на Лино Червар бидејќи не ги исполни очекувањата на тренерот. Металург е во потрага по лев бек. Во комбинација е повторно Александар Стојановиќ кој играше една полусезона во овој клуб како позајмен играч, сега е во Германија, потоа Жарко Марковиќ до неодамна ракометар на Гумерсбах, тука се на таа позиција и Олег Маљцев и Јовановиќ. Во секој случај Лино Червар се обидува да создаде силен тим од Металург, очекува дека со Чурувија и со уште две засилувања играчите од Автокоманда ќе играат главна улога во Купот на победниците на куповите.


#