Македонија подготви одговор за Софија
Договор за пријателство ќе биде тема на разговор меѓу Милошоски и Младенов
Тамара Грнчароска
Македонија неделава ќе и' ги достави на Бугарија своите забелешките на договорот за пријателство што го понуди Софија пред неколку месеци. Како што се дознава, в среда, за време на посетата на бугарскиот шеф на дипломатијата, Николај Младенов, македонската страна ќе му ги достави забелешките во дваесетина точки што ги содржи понудениот договор. Според информации од Министерството за надворешни работи, работна група изминатиот период работела на содржината на договорот од македонска страна и сигурно е дека тој ќе биде тема на разговор меѓу двајцата шефови на дипломатии. Иако се шпекулираше дека е можно скорашно потпишување на договорот, од МНР не се уверени дека тоа би се случило наскоро, бидејќи се очекува Бугарија да ги разгледа нашите забелешки, па потоа да даде свое мислење. Според бугарски извори, поверојатен рок е септември, за време на најавената посета на Бојко Борисов на Македонија.
Договорот крена голема врева во Македонија, бидејќи е напишан, исклучиво, според потребите на Бугарија и неколку месеци беше скриен во фиока од страна на македонските власти. Најспорните точки во договорот се барањата тој да се издигне на меѓународно ниво и со него нашата земја да го санкционира говорот на омраза, да ги прифати бугарските воени споменици, заедно да слави историја со Софија и да учествува во Комисија за заедничко толкување на историјата, без Бугарија да биде обврзана на реципроцитет. Во него беше наведено и тоа Македонија стриктно да ги почитува принципите на добрососедски односи и да ги повтори обврските дека нема ништо во нејзиниот Устав што би можело да се толкува како основа за мешање во внатрешните прашања на Бугарија за да се заштитат статусот и правата на лицата што не се граѓани на Македонија. Неофицијално се дознава дека за нашата страна еден од поспорните делови е барањето македонската Влада да ги контролира медиумите околу она што го објавуваат за Бугарија.
Договорот, кој беше обелоденет во март, всушност, е само дел од тивкиот притисок што го врши Софија врз Македонија за затворање на отворените прашања меѓу двете земји, пред се', за опстојување на непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија и постоењето на македонската нација во целост. По ветото во Букурешт за Македонија и блокирањето на преговорите со ЕУ од страна на Грција, Бугарија се почувствува доволно силна и сигурна како членка на ЕУ и на НАТО да ги стави и своите услови на маса. Дека е така покажува и барањето на бугарскиот претседател Георги Прванов од почетокот на април, решението за новото име на Македонија да вклучува и гаранции против територијални претензии кон Бугарија.
Сепак, лошиот рејтинг на Бугарија кај европската јавност, пред се', поради незавршените реформи, финансиските скандали и неуспешната борба со корупцијата и криминалот, како и замореноста на Европа од билатералните проблеми, не и' дозволуваат на Бугарија отворено да ја услови нашата земја.
Но, иако официјално политичките односи меѓу двете земји се добри, притисокот што го врши Софија врз Македонија за „решавање“ на некои прашања во нејзина полза е константен. Последни примери за тоа беа недозволувањето на 18 и на 25 април, по којзнае кој пат, македонски граѓани да влезат во Бугарија за да ја одбележат годишнината од смртта на Јане Сандански, во организација на Здружението на Македонците во Бугарија, ОМО „Илинден“ - Пирин. На таквиот потег на Бугарија и' претходеа месеци обвинувања за наводна антибугарска политика на македонската држава, за што дури и во Брисел и во Советот на Европа се вадеше примерот на Спаска Митрова. Наедно, за време на посетата на македонскиот премиер Никола Груевски на Софија за да бара поддршка за македонските евроатлантски интеграции, премиерот Бојко Борисов му порача дека неговата поддршка не е безрезервна, а министерот задолжен за Бугарите во дијаспората во неколку наврати даваше антимакедондски изјави, меѓу кои и онаа дека Македонците, исто како и Маите и Ацтеките, ќе исчезнат. |