Груевски се огради од изјавите на Ѓорчев

Премиерот Никола Груевски се огради од нападите и од навредите на Влатко Ѓорчев врз евроамбасадорот Ерван Фуере. Груевски, кој речиси еден месец избегнуваше директно да одговори на прашањата поврзани со скандалот во Брисел, во интервјуто за Канал 5 рече дека не може да се извини во име на Ѓорчев, кој како пратеник има право и на свое мислење, но оти тоа што тој го кажал - не е став на Владата.

Ѓорчев во неколку наврати отворено, преку својата колумна, го напаѓаше Фуере нарекувајќи го мегафон на СДСМ, а во Брисел, во Европскиот парламент, го спореди Фуере со советски амбасадор во Бугарија во 70-тите години. На навредите за Фуере остро реагираа европратениците што се сметаат за лобисти на земјава, предупредувајќи дека таквиот однос кон евроамбасадорот и' штети на угледот на земјата и ја крши Виенската конвенција за дипломатски односи. Фуере, иако во почетокот се воздржуваше од остри реакции на изјавите од Ѓорчев само со став дека власта ќе сфати колку ваквите изјави се штетни за земјата, во интервју за „Утрински весник“ изјави дека „многу е разочарувачко тоа што ниту еден член од Владата не се дистанцираше јавно од она што го кажа Ѓорчев“, со впечаток дека власта некогаш заборава дека тој ја претставува ЕУ, а не себеси.

Груевски за критиките на сметка на Владата, кои ги упатуваа словенечките европарламентарци Елко Кацин и Зоран Талер, рече дека се разбирливи, бидејќи и двајцата доаѓаат од блокот на левицата. Но, според него, и покрај тоа, Кацин и Талер се сметаат за пријатели на Македонија. (Т.Г.)


#