Во 2009 година македонските граѓани без визи во ЕУ?
Европски есперти ќе го проверат напредокот на Македонија, по што реално е во 2009 да се укинат визите
Димитар Чулев
Република Македонија е задоволна од оцените на Европската комисија која во својот минатонеделен извештај констатираше дека е постигнат значителен напредок во имплементација на патоказот за визна либерализација, со што се заокружува првата етапа од овој процес.
Оцената на ЕК, коректно и објективно ги евидентира постигнувањата на Република Македонија, сметаат во Министерството за надворешни работи. Македонија доби позитивна оцена од Европската комисија во исполнувањето на условите што треба да им овозможат на граѓаните слободно патување во земјите на Унијата, а ЕК оцени дека е постигнат значителен напредок во сферата на безбедност на документите, контрола на илегалната миграција и реадмисија, јавниот ред и безбедноста...
Сега, како што оценуваат во МНР, се очекува во почетокот на 2009 година ЕК да иницира правна процедура во Советот на ЕУ за укинување на визниот режим спрема Македонија и стапување во сила на безвизниот режим во текот на идната година.
Ова би било реално продолжување по оцените дека со воведувањето на биометриските патни исправи и лични карти државава „демонстрирала јасна политичка волја за заокружување на процесот на издавање безбедни патни документи“, дека Стратегијата за интегрирано гранично управување и акционите планови за нејзина реализација се речиси целосно имплементирани, дека активностите за воспоставување ИТ систем се интензивирани, дека во изминатите години Македонија направила сериозни напори за зауздувањето на организираниот криминал, спречувањето на корупцијата, особено во полицијата, судството и царината...
Реални се очекувањата Македонија да добие безвизен режим без да чека никого во регионот, особено по најавите од ЕК дека процесот на визна либерализација ќе биде индивидуализиран. Односно, дека активностите ќе се одвиваат врз основа на постигнувањата на секоја земја. Во МНР сметаат дека сега се очекува во земјава да бидат испратени таканаречени оценски мисии, составени од службеници на ЕК и експерти од земјите-членки кои на терен треба да го верификуваат постигнатото. Мисиите се планираат за првото тромесечје од 2009, а експертите на самото место ќе ја проверуваат безбедноста на документите, менаџирањето на илегалната миграција и реадмисија, функционирањето на јавниот ред и безбедност, додека за надворешните односи и фундаменталните права се предвидува организирање состанок на експертско ниво.
Од МНР велат дека експертите на земјите-членки се добредојдени, а по завршувањето на нивните извештаи се очекува Македонија да добие позитивна препорака за укинување на визниот режим и стапување во сила на безвизниот режим во текот на 2009 година. Во рамките на идните активности во дијалогот за визна либерализација, од МНР најавуваат дека ќе биде изработен преглед на реализирани и планирани активности, кој во текот на овој месец ќе биде проследен на разгледување до Генералниот директорат за правда, слобода и безбедност на ЕК. |