Контрапункт
Богумили и богунемили
Никола Гелевски
Како христијанската култура влегуваше во симбиоза со паганската култура на Словените
Во својата книга „Митските слики на јужните Словени“, Никос Чаусидис бегло нуди една интересна хипотеза: целокупното христијанизирање на овие простори можеби е само континуитет на во основа паганската култура, која е многу важен дел од нашето себеразбирање. Еве, што точно вели Чаусидис: „Христијанските светители и култови во словенскиот фолклор веќе не се регистрираат како туѓи елементи сосила накалемени врз словенската паганска основа, туку како уште една етапа од еволуцијата на изворните пагански божества и култови“.
Примери има многу: христијанскиот светител свети Вид се идентификувал со словенското врховно божество Свантевид; богот на добитокот и подземјето Велес со светителот свети Власиј (или Блажиј); громовникот Перун се стопил со пророкот Илија, а женската божица на плодноста (света Петка, поради петтиот ден од неделата, кога била славена) била изедначувана со христијанската светителка Параскева.
„Ваквата симбиоза“, вели Чаусидис, „или поточно христијанска лушпа на паганското стебло, проучувачите ја нарекуваат ‘двоверство‘, ‘анимистичко‘ или ‘космичко‘ христијанство. За разлика од автентичното, основната цел на ова христијанство, пред се', не е човековата душа и нејзиниот вечен спас, туку земните блага: плодноста на луѓето, нивите, добитокот, успехот на семејството, но, секако, и задгробниот живот на покојникот“.
Знаеме, исто така, дека од овие простори (денешна Бугарија и Македонија) потекнува богумилството, мошне снажното средновековно „хипи“ движење кое опстојало речиси илјада години, борејќи се против христијанството. Во основата на богумилството се наоѓал револтот спрема владеењето на христијанската црква која со помош на идејата на господ ги држи своите верници во покорност. Револтот во иста мера бил насочен и против државната власт, која се потпирала врз христијанската црква како на идеолошко средство за своето владеење. Богумилите биле манихејци и се држеле до теоријата за два бога оти не можеле да разберат зошто единствениот и апсолутно праведниот христијански бог на едните им дава толку многу добра и малку зла, а на другите многу зла и малку добра. Тој проблем богумилите го решиле со концептот за два бога, дуалистичкото разбирање развиено уште во третиот век, пред христијанството да стане државна религија во Римската Империја.
Интересно е што по востанието во Македонија (1040-41) еретички секти слични на богумилите почнуваат да се шират низ целиот Балкан и низ големи делови на Европа, под разни имиња: богумили (најголеми и најснажно присуство во Босна), кудугери (грчки назив за богумилите), бабуни (така ги викале во Србија, според името на македонската планина), крстјани (во Босна), патарени (во северна Италија), катари (во Франција и во Германија) итн.
Велам, од денешен аспект богумилите и другите тогашни еретици изгледаат мошне (пост)модерно: не јаделе месо и млечни производи, ги исмевале почитувачите на светците, ги осудувале сите црковни сакраменти, не ги признавале покрстувањето и бракот. На световните владетели не им го признавале правото да донесуваат смртни казни. Црквите ги нарекувале „синагоги на сатаната“.
Исто така, мошне свежа изгледа врската помеѓу тие средновековни бунтовници со денешните бунтовнички движења, од алтерглобалистите до радикалните еколози. Анархо-примитивистот Џон Зерзан, на пример, во својата нова книга „Залез на машините“, пишува за поврзаноста на еретичките движења со првите социјални и работнички бунтови во Западна Европа. Првото масовно средновековно востание ја запалило Фландрија од 1323 до 1328 година. Селаните, понекогаш придружувани од текстилните работници, повеле војна до истребување против големопоседниците и свештенството. Паролата на востанието гласела: „Војна против богаташите и поповите“.
Во Франција, големиот бунт од 1357-58 бил наречен жакерија, според типичното селско име, Жак. Бунтот против угнетувањето ги вклучувал селските занаетчии и бил инспириран од еретичките секти од неколку земји. Една од паролите била: „Да се отарасиме од се' и да станеме газди“.
Според Зерзан, радикалниот бунтовнички бран од крајот на средниот век своја кулминација доживува во големото востание на таборите во Чешка. Тоа востание е најдолг и највоинствен пример за Слободниот дух на дело. Помеѓу дваесеттите и триесеттите години на 15 век таборитското движење функционирало како вистинско организирано општество и редовно ги победувало моќните сили кои се обидувале да го уништат. Многу важно за таборитите е што жените биле сосема рамноправни и заедно со мажите се бореле против слугувањето.
Интересна е и врската помеѓу паганството и уметноста. Во македонската книжевност, на пример, најсериозно и најдлабоко со паганската страна на македонскиот културен идентитет се занимаваа најдобрите прозаисти: Славко Јаневски и Петре М. Андреевски.
Постои, всушност, трајна врска меѓу еретиците и уметниците. Во Франција во средниот век биле прочуени голијардите, антиклерикалните талкачи, кои проселе и пееле патувајќи од град до град и многу често биле малтретирани од властите. Франсоа Вијон, еден од најголемите француски поети (кој како злосторник бил осуден на бесење!) , припаѓал кон таа „вагабундска“ традиција на своеглавите париски студенти, и оние пред него и оние по него.
Еден од тие важни современи „своеглави париски студенти“, Раул Ванегем (од прочуената Ситуационистичка интернационала од шеесеттите години на дваесеттиот век) прави интересно историско согледување кога вели дека средниот век бил исто толку христијански колку што Источниот блок бил комунистички.
(Авторот е издавач) |