31.01.2012, 16:05

Државата ќе ги уништи Воинот и Портата, а црквата - паркот пред АРМ

Советот на Општина Центар денеска се очекува да дозволи изградба на објектите - црква пред АРМ и десеткатница на плоштад

Деспина Трајковска


Последните корекции на деталниот урбанистички план за центарот на градот се закануваат да го затворат погледот кон грандиозниот споменик на Александар Македонски и Портата. Токму во линија на двата најозборувани и оспорувани проекти од „Скопје 2014“ е предвидена изградба на десеткатница наменета за државна институција. Маркицата е нацртана на истото место каде што се наоѓаше онаа за црквата, на просторот меѓу „Пелистер“ и „Сити галери“. Таа, пак, сега е преселена во зелениот појас пред Домот на АРМ. Така, последната верзија на ДУП-от би била погубна и за еден од ретките паркови во Центар, според многумина најубавиот.

Дали урбанистичкиот план и официјално ќе добие зелено светло ќе зависи од денешната одлука на Советот на Центар. Повеќе од извесно е дека тој ќе се усвои, па така црквата што требаше да се гради на плоштадот, сега, дефинитивно, ќе може да се издигне во зеленилото пред Домот на АРМ. За верскиот објект со планот е обезбедена површина од над 2.000 квадратни метри и максимална висина до 29 метри, или едноставно кажано, ќе се дозволи изградба на објект со висина на седумкатна зграда.

Во последната верзија на ДУП-от се смести и новата локација за панорамското тркало. Предвидено е тоа да се изгради на нов пешачки мост на Вардар, со како што е наведено во писменото образложение на планот, придружна комерцијална содржина. Поставеноста на тркалото, пристапот и преостанатите параметри на тркалото ќе се дефинирале дополнително, со инфраструктурен проект.

Токму новата локација за тркалото и бришењето на црквата од плоштадот се главните измени во урбанистичката рамка за „Мал ринг“, чија верзија беше на увид на граѓаните две недели, непосредно пред Нова година.

И во оваа верзија на планот остануваат планираните катни гаражи, од кои поголем дел веќе се градат. Се потврдува и надградбата за два ката на зградата на Министерството за транспорт и врски. Нови споменици освен веќе планираните не се предвидуваат. Во најновата верзија на ДУП-от се проектирани и двете клучки, дел од решенијата за подземната улица што ќе води до Комплекс банки, едната кај мостот „Гоце Делчев“ и другата на раскрсницата на „Партизански одреди“ и „ВМРО“. Во зелениот, средишен дел и на двете клучки има предвиден простор за поставување споменици.

Нема забелешки за црквата, само две за десеткатницата на плоштадот

Во јавната анкета никој не доставил забелешка за новата локација за црквата, а речиси и да нема реакции за планираната десеткатница на плоштадот и новото место за тркалото на мостот, иако тие во изминатиов период често беа на удар на јавноста. Од вкупно 37 доставени забелешки во јавната анкета само две се однесуваат на планираниот десеткатен објект на плоштадот на локацијата која претходно беше планирана за црквата. „Маркицата го блокира еден од најубавите погледи на проектот ‘Скопје 2014‘-погледот кон Портата и кон Воинот на коњ. Мој предлог е маркицата да се помести кон ‘Метропол‘ и да се зачува оската на улицата. Во спротивно, сами си ја уништуваме една од најквалитетните целини на ‘Скопје 2014‘“, забележал еден граѓанин. Но, надлежните нема да ја земат предвид забелешката со образложение дека „планираната градба е во согласност со одобрената планска програма на Општина Центар“. Со истото образложение е отфрлена и сугестијата на еден граѓанин дека зградата не треба да се гради бидејќи во спротивно ќе се изгуби комуникацијата со плоштадот и визуелното пространство. (Дс.Т.)