Мислења

Храброст

Петар Арсовски

Власта не покажува подготвеност да се соочи со фактот дека за некои неопходни промени ќе мора да оди против јавното мислење

Дилемата за комуникацијата со јавноста, популизмот и политичкото водство сега е особено актуелна, кога секојдневно се соочуваме со нужноста од непопуларни потези. Власта во Македонија во моментот не покажува подготвеност да се соочи со фактот дека за некои неопходни промени ќе мора да оди против јавното мислење. Во тој процес таа се блокира и притоа станува заложник на сопствениот популизам.

Како што поминува времето, се' појасни се две работи: прво дека за Македонија ќе бидат неопходни храбри и непопуларни потези за влез во НАТО и во ЕУ и, второ, дека јавноста ќе се спротивстави на ваквите потези и оти дел од успешноста на секоја влада ќе биде како за тие реформи да ја придобие јавноста на своја страна. Суштината е во начинот на кој тие потези се влечат и во односот кон нужните реформи.

Како и другите земји во регионот, така и Македонија се соочува со нужноста од реструктуирање на сопственото општество по европски терк. Но, ние, за разлика од другите околни земји, тоа го правиме од немукает, со инаетење, без визија. Секој пат кога ќе се соочат со фактот дека се потребни промени, нашиве маријачи се бунат дека било тешко, оти имало локални специфики, дека европските стандарди сме требале да ги интерпретираме низ локалните традиционални вредности. Кога ги слушам веднаш ми е јасно зошто заостануваме и зошто сите земји во регионот ќе не' претркаат кон ЕУ. Само за споредба, Србија, кај која овие локални специфики се уште поизразени, монументално покажа каков однос кон таквите промени треба да се има и затоа таа е сега наградена со експресна пристапна динамика.

На пример, ако го споредиме односот на Македонија кон проблемот со името и односот на Србија кон проблемот со сецесијата на Косово, веднаш станува очигледно дека играме во сосема друга лига. Прво по прашањето на стратегија и визија: додека нашиве маријачи го поттикнуваат националниот атавизам и се однесуваат со проблемот како тој да е прашање за домашно поткусурување, Србија успеа да ги надмине локалните интереси и да се произнесе за една храбра европска визија, најмногу изразена преку декларацијата во ОН, без притоа да се откаже од националните интереси. Потоа, околу прашањето на домашната јавност, разликите се, исто така, очигледни: нашиве маријачи сакаат да го трујат сопствениот електорат со митови и бајки за епскиот македонски национализам. За разлика од нас, српското сценарио е сосема поразлично: во еден рационален дискурс, свесни за својата позиција и нужниот компромис меѓу националното чувство и иднината на државата, тамошните власти во една координирана реторика, без траор и патетика, успеаја да ја придобијат јавноста на своја страна. Стратегијата е јасна: кога веќе мораат да попуштат за некој свој национален интерес, умните влади го прават тоа така што ќе ги максимизираат погодностите, значи побрзо и со повисока цена за меѓународната заедница, а со пониска цена во домашната јавност.

Нашиве маријачи ќе добијат двојно голо: додека сфатат дека компромис за името е неопходен, погодностите веќе ќе бидат намалени, односно нема да добијат некоја сериозна концесија од меѓународната заедница, а кај домашната јавност ќе платат висока цена поради претходно предимензионираните очекувања и инуендата дека можеме да го зачуваме и името и да пристапиме во НАТО и во ЕУ.

Дополнително, можеме да го споредиме односот кон слободата на сексуална ориентација: Србија, која традиционално важи за хомофобична средина, собра сили, наспроти јавното мислење, да ги стави принципите на правната држава пред брзите политички поени. Од друга страна, пак, нашиве маријачи играат пасивно-агресивна игра со Законот за антидискриминација, па од ��его ги исклучуваат оние со различна сексуална ориентација. Разликите не се очигледни само во потезите, туку и во начинот на кој тие се прават. Србите, иако прават непопуларен потег, го прават стоички, со јасен став и аргументи, со крената глава. Нашиве кукумјавки ги влечат потезите полутајно, без никогаш да понудат јасно објаснување и секогаш тоа го прават со поднаведната глава.

Зарем мислите дека на анкетите во Србија граѓаните ја поддржуваат геј-парадата, или сецесијата на Косово, или дека таму нема опоненти на тековната политика? Напротив, и таму, како и тука, најголем дел од граѓаните се против нужните болни потези, кои наспроти традиционалните воведуваат европски вредности во општеството. Успехот на владата во Србија е во тоа што успешно го разликува она што на државата и' е потребно од она што народот го сака и што има храброст да го спроведе тоа и притоа способност да ја придобие јавноста на своја страна. Нашиве маријачи немаат ниту едно од овие три неопходни состојки: не знаат да разликуваат меѓу политичко водство и трка за популизам и поени, немаат храброст да направат каков било исчекор, а јавноста не само што не ја придобиваат, напротив, ја инфузираат со атавистички пораки за да ја држат опиена.

Затоа, ако ги споредиме овие две политички елити, очигледно е дека играме во две различни лиги: во Србија натпреварот изгледа како Ливерпул против Манчестер, а кај нас како две маалски клупчиња на излижана трева, во кал, со дрпање, дерење по судијата и плукање по публиката.

(Авторот е магистер по политичка комуникологија)


#