Се подобрува состојбата на повредената Дафина
Ѓорѓи Маркоски постојано прашувал како е неговата девојка и порачувал дека постојано мисли на неа
Состојбата на скопјанката Дафина Анастасова (22), која беше тешко повредена во несреќата на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, се подобрува. Според информациите од МНР, Дафина полека закрепнува на Одделението за интензивна нега во Клиничкиот центар на Војводина, но докторите се' уште ја држат под анестезија. Нејзиниот пријател Ѓорѓи Маркоски (23) од Прилеп закрепнува во болницата во Сремска Каменица. Според медицинскиот персонал кој се грижи за неговото здравје, тој постојано прашувал како е неговата девојка и им порачувал да и' пренесат дека мисли на неа. Лекарите засега избегнувале да му дадат детали за состојбата на Дафина, плашејќи се дека може да се наруши и неговото здравје.
„Нејзината здравствена состојба се подобрува, почнала да ја придвижува левата рака, но докторите се' уште ја држат на апарати и под анестезија за побрзо да закрепне“, велат од нашето Министерство за надворешни работи, кои се во постојан контакт со болницата.
Директорката на интензивна нега во Клиничкиот центар во Војводина вели дека е видливо минимално подобрување на состојбата на Дафина.
„Состојбата се' уште е лоша, но има мало подобрување, меѓутоа се' уште не се знае дали пациентката ќе закрепне. Сепак, нејзиното подобрување е добра вест“, ни изјави доктор Радмила Колак, директор на Одделението за интензивна нега.Таа вели дека на нив сега останува да се грижат за Дафина професионално и најдобро што можат.
„Би било неблагодарно да прогнозираме за колку време нејзината состојба ќе се подобри. Нам ни останува да работиме професионално, да се трудиме да и' помогнеме, како и да се молиме заедно со нејзините блиски таа да биде подобро“, вели доктор Колак.
Прилепчанецот Ѓорѓи Маркоски (23) закрепнува во Институтот во Сремска Каменица. „Тој е навистина добро момче, и не му е лесно. Жал ми е за него, бидејќи постојано прашува за девојката, а никој не може да му каже дека таа е во критична состојба. На сите им порачува да и' пренесат дека постојано мисли на неа“, изјави медицинската сестра која се грижи за Ѓорѓи, за српскиот весник „Блиц“. (Ј.К.) |