„Дубина“ утре ќе го извлекува „Илинден“
За извлекувањето на бродот од Охридско Езеро ќе се користи техниката со надувани балони ОХРИД - Хрватската фирма „Дубина“ од Сплит ќе го извлекува потонатиот брод „Илинден“ во Охрид. Ваква одлука донело Министерството за транспорт и врски, а вчера ја потврди и Весна Кичеец, истражен судија во Основниот суд во Охрид. Според догoворот со претставникот на фирмата „Дубина“, кој во неделата бил во Охрид, опремата со авион треба да се донесе денеска, а бродот ќе се извлeкува, најверојатно, утре доколку има погодни временски прилики.
Деталите од договорот што го склучиле Министерството за транспорт и врски и сплитската фирма не се познати. Јавно не е соопштен износот на договорот и дали се платени парите. Необјаснети се и шпекулациите дека целиот зафат ќе чини околу 30.000 евра, износ за кој според нашите законски прописи треба да се распише тендер и работата да не се договара со непосредна спогодба.
Според најавите, при извлекувањето на бродот „Илинден“ ќе присуствуваат истражен судија, јавен обвинител и членови на Мешовитата комисија, составена од по тројца експерти од Македонија, Бугарија и од Хрватска. По прегледот на бродот, експертската комисија треба да направи извештај за можните причини за несреќата и да го достави до истражниот судија. Не се исклучува можноста при увидот да бидат вклучени и експерти од Машинскиот факултет во Скопје, кои треба да дадат мислење за техничката состојба на бродот.
При извлекувањето на бродот „Илинден“, кој потона на 5 септември, при што загинаа 15 бугарски туристи, потврдено е дека ќе се користи техниката со надувани балони. Бродот се' уште се наоѓа на околу 200 метри од брегот кај автокампот „Елешец“ на длабочина од шест до седум метри и засега не се знае дали на суво ќе биде извлечен кај Елешец или на некоја друга локација.
Текот на истрагата за потонувањето на „Илинден“, што се' уште е топ-ема во македонските и бугарските медиуми, ќе зависи од времето потребно комисијата и експертите да го состават извештајот и да му го предадат на истражниот судија. Во истрагата, како што ветија во неделата, помош нудат и луѓе од новоформираното Здружение на граѓани од Охрид, кое се залага за фер истрага без политички и други притисоци. (С. И.)
|