11.04.2012, 17:10

Љупчо го избркал Илија?

Вербална престрелка меѓу некогашните сопартијци за случувањата во „Киро Ќучук“ во Велес

Љупчо Георгиевски, лидер на ВМРО-НП и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, обвини вчера дека се пропаганда информациите што ги изнесуваат неговите некогашни сопартијци за случувањата со фабриката „Киро Ќучук“ во Велес. Според Георгиевски, информациите ги пласирал Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Велес и директор на Центарот за комуникации на оваа партија.

„Во бирото за агитација и пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ, под раководство на Илија Димовски, беше напишано соопштение со две тези. Во едниот дел стоеше известување за пропаѓањето на Фабриката ’Киро Ќучук’. Потоа стоеше дека нејзиниот директор Кирил Камчев е мој човек. Но, јас да соопштам дека е точно оти тој беше во мојата екипа, како и многу други велешани кои денес владеат со градот, но тоа беше во периодот кога давав власт и моќ - до 2003 година“, изјави Георгевски вчера во Велес.

Според него, во последните десет години Кирил Камчев е отворен активист на ВМРО-ДПМНЕ. Георгевски ја повика „велешката власт итно да го затвори“ директорот на „Киро Ќучук“. „ВМРО-ДПМНЕ нека си го расчистува криминалот во своите редови и нека не го товари на туѓ грб. Наедно, сакам да истакнам дека лично го избркав Илија Димовски од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што пукаше во централниот штаб“, рече поранешниот премиер.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ деновиве обвинува за соработка меѓу директорот на „Киро Ќучук“, Камчев, и потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев. Димовски вчера одговори дека не е точно дека Камчев е човек на ВМРО-ДПМНЕ, Димовски рече дека Георгиевски паднал на дереџе да му биде портпарол на Заев. (П.Р.)