Зимска офанзива на опозицијата врз „Илинденска“

По „жолтиот поход“, власта веќе не ќе може да биде ноншалантна, сметаат аналитичарите
Оливера Војновска
Се разбуди ли, конечно, опозицијата од летаргичниот сон и дали протестниот марш и „Патриотска метла“ се најава за зимска офанзива врз власта? Изминатиов период опозиционерите на разни начини се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста и да и' го нарушат мирот и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
По митинзите во Прилеп и во Штип, социјалдемократите и нивните коалициски партнери маршираа по улиците на главниот град. Во Собранието распалија за буџетот и за проектот „Скопје 2014“, а и за интерпелацијата на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Министерката ја преживеја интерпелацијата и барем засега нема да ја почувствува симболиката на метлите со кои се појавија пратениците од СДСМ. Сепак, на нејзините плеќи ќе стежне горчината од „преродбата во барок и романтизам“.
Во меѓувреме, Собранието расправаше и за распуштање на парламентот, а на седницата дискутираа и реплицира сите опозициски пратеници. Откако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соопштија дека не е време за предвремени избори, беше јасно дека исходот од седницата нема да биде во корелација со паролата „Доста е! Избори!“, испишана на жолтите маички и на картоните што деновиве беа дел од имиџот на опозицијата. Но, според аналитичарите, исто така, е јасно дека по жолтиот опозициски поход власта веќе нема да може да биде рамнодушна и ноншалантна.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека протестниот марш во Скопје и' дал нов елан на опозицијата. „Опозицијата се разбуди, нејзината летаргична фаза е завршена. Поднесуваат иницијативи, отвораат афери на кои власта мора да одговори со аргументи. Не може како досега да се потпира само на бројките во парламентот и да не чувствува потреба да даде отчет“, смета Муслиу. Тој е уверен дека опозицијата нема да дозволи да го изгуби овој момент, туку ќе го зграпчи.
Според него, дополнителен мотив за тоа ќе и' бидат предвремените избори. „Независно што не помина нејзиното барање, факт е дека опозицијата излезе со таква иницијатива, а Владата ја одби. Со тоа, на некој начин, падна ореолот на власта дека кога сака може да распише избори и да ги добие - импресија што произлегуваше од анкетите“, вели Муслиу. Прогнозира дека сега ќе се смени и атмосферата во Собранието. „Опозицијата ќе се охрабри и ќе дејствува поамбициозно и поагресивно. Дебатата ќе биде поквалитетна и посуштинска, а власта ќе мора да биде повнимателна“, смета Муслиу.
Потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули од СДСМ, вели дека воопшто не се обесхрабрени што не помина нивното барање за распуштање на парламентот. „Имавме добра дебата, за жал, мнозинството се обиде да испровоцира инцидент преку Амди Бајрам. Но, не успеа. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се пријавија за дискусија, меѓутоа говореа само Илија Димовски и Зоран Петрески. Другите се откажаа од дискусија и цело време провоцираа и ги повторуваа истите реплики. Цел им беше да ја девалвираат расправата“, вели Макрадули и нагласува дека битката за симнување на власта продолжува. Додава дека опозицијата ќе го засили притисокот во парламентот. Притоа, посочува дека на нејзина иницијатива се дебатираат за состојбите во здравството, а на 27 декември за измените на Изборниот законик, кои беа предложени во пакет со барањето за предвремени избори. За него е симптоматично тоа што „против“ распуштање на парламентот гласале само 64 пратеници од владиното мнозинство. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ контролира вкупно 82 пратеника (заедно со Фијат Цаноски од ПЕИ), па, како што вели тој, оние што не биле во салата за да ги притиснат црвените копчиња, можеби, сепак, не се задоволни од политиката на Владата. Сепак, други опозициски пратеници (од помалите партии) во ова не гледаат некаква драма. „Гласањето беше доцна вечерта, па некои си за��инаа, а има и неколкумина што се болни“, велат тие.
Инаку, спомнатата иницијатива доби поддршка од само 29 парламентарци од опозицијата. Вклучувајќи ги и четворицата пратеници на ЛДП, кои пред една година го расипаа сојузништвото со СДСМ и оттогаш жестоко се конфронтираат. |