Ги затвора или ги отвора преговорите Иванов?
Одбивањето на ерга омнес од страна на претседателот на државата - порака за дома или за надвор
Соња Крамарска
Грчкиот предлог за име за севкупна употреба ерга омнес не е реална основа за решавање на грчко-македонскиот спор за името, оцени неделава претседателот Ѓорге Иванов во интервју за грчкиот институт ЕЛИАМЕП. Тврдото одбивање на повеќегодишните барања на Атина за ново име со географска определница и за севкупна употреба, од страна на македонскиот претседател, се совпадна со пристигнувањето на извештајот на Европската комисија, од кој повторно стана јасно дека Брисел нема намера да ја елиминира Грција како пречка за македонските евроаспирации.
Иванов, од неговото доаѓање на функцијата во мај 2009 година, досега се држеше безмалку настрана од преговорите меѓу Скопје и Атина. Освен неколку куси изјави во кои не дава јасни ставови како и познатата изјава „разумен компромис е разумен компромис“, тој остави впечаток дека спорот за името и' го препушти на Владата, што и не се оценува како толку лош потег со оглед на тоа дека шефот на државата се доживува и како татко на нацијата.
Меѓутоа, случајно или не, Иванов реши да се вмеша во спорот. Во опширно интервју за грчката невладина организација, која во Скопје стана позната по тоа што нејзиниот член Евангелос Кофос држеше трибини овде објаснувајќи ги грчките негаторски ставови кон Македонија, Иванов сега им вели „не“ на грчките барања.
„Нашето чувство дека грчката страна постојано ги радикализира своите позиции со цел да го одложи решавањето на спорот за името и официјално се потврди со фамозните осум точки доставени од преговарачот Василакис кон крајот на минатата година“, рече Иванов во интервјуто.
Оваа порака до Атина наиде на рамнодушност таму, но и во Македонија не поттикна некои посебни анализи, иако тајмингот во кој е испратена и содржината на ставовите отвораат многу прашања. Зошто, по серијата средби (седум досега) меѓу премиерите Груевски и Папандреу, кои се добро примени во меѓународните кругови, се огласува претседателот Иванов со комплетно одбивање на грчките барања. Дали тоа одбивање е порака дека завршуваат преговорите или, пак, е порака за нивно суштинско отпочнување, бидејќи е јасно дека досега македонската страна преговараше повеќе формално отколку суштински.
Тактиката што може да се прочита од досегашните потези на Скопје е дека македонскиот преговарач Зоран Јолески формално се среќаваше со посредникот Метју Нимиц, но дека Владата во Скопје, всушност, чека светот да ја притисне Грција да се откаже од барањата за промена на нашето име или барем да не ги поставува како услов за зачленување на Македонија во НАТО и во ЕУ.
Проблем во позиционирањето на Македонија во преговорите околу спорот се и спорадичните лобирања дека Грција, сепак, треба да го остави на мир својот северен сосед и да дозволи интеграција на Балканот во ЕУ. Такви се и неодамнешните оцени на поранешниот шеф на УНМИК на Косово, Данецот Сорен Јесен Петерсен, и на Даниел Сервер од Институтот за мир во Вашингтон. Тие во заедничка колумна во „Њујорк тајмс“ се заложија Брисел и Вашингтон „да го одврзат јазолот што ја стега Македонија“, алудирајќи на Грција. „Владата во Скопје води тешка битка против Атина. Без решавање на овој проблем Македонија се соочува со долг пеколен период, без членство во НАТО и во ЕУ“, предупредија тие.
Но, какви се реалните шанси Грција да се повлече од ирационалните барања кон Македонија. Досегашниот тек на односите покажува дека тие се рамни на нула. Вернер Хојер, државен секретар во германското Министерство за надворешни работи, изјавил оти е можен напредок на Балканот само откако ќе се направи пробив во спорот меѓу Македонија и Грција. „Се надевав дека тоа ќе се случи пред самитот на НАТО, но сега ми се чини дека нема да успее“, рекол тој, оценувајќи дека „во с��орот недостига разумен дијалог на сите учесници“.
До самитот на НАТО во Лисабон останува уште малку време. Очекувањата на Македонија дека ќе се постигне напредок во зачленувањето во Алијансата набргу ќе паднат за едно скалило подолу. Изјавата на претседателот Иванов не ја разјасни ситуацијата дали Македонија е подготвена да влезе суштински во процесот на преговорите или, пак, испрати порака до Атина дека нема расположение во Скопје за отстапки околу името. |