ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ

Радован Караџиќ

Биоенергетичар или психијатар. Човек со долга побелена брада облечен во црно со сламена шапка на главата или политичар со специфичната фризура, која ноншалантно му паѓа на чело. Стар човек со навидум беспомошен изглед или воен злосторник обвинет за масакрите во босанската војна од страна на Србите. Името е исто - Радован Караџиќ.

По 13 години успешно криење, најбараниот воен злосторник на просторите на Европа по Втората светска војна и' „падна“ во раце на српската полиција, се разбира со помош на странските разузнавачки сили. Карла дел Понте беше во право - Караџиќ навистина се криеше или, поточно е да се каже, живееше во Србија под лажен идентитет како Драган Давид Дабиќ. По апсењето, шеесет и тригодишниот Караџиќ по стапките на своите двајца претходници во Хаг, Слободан Милошевиќ и Воислав Шешељ, реши сам да се брани пред Трибуналот за воени злосторства.

Роден во Црна Гора, но со втора татковина Босна, тој успеа како претседател на самопрогласената Република Српска националните чувства на Србите во БиХ да ги издигне на ниво на масовна националшовинистичка хистерија, која доведе до едни од најголемите масакри, прогони и етнички чистења на просторите на поранешна Југославија. (Т.Г.)