17.09.2012, 18:02

Џамија без минаре, но со гласни молитви

Жители на Чаир и Бутел реагираат на разгласот од кој пет пати во текот на денот ечат молитви

Бојан Шашевски



Џамијата „Оџа Абдулкадер Арнаути“, сместена на приземниот кат на станбена зграда близу пазарчето во Чаир, во последните два месеца редовно ги вознемирува локалните жители од улиците „Добри Даскалов“, „Крсте Арсенов“ и „Емин Дураку“ нарушувајќи им го мирот и нормалниот живот. Новата повеќекатница со обележаниот верски простор се' уште не е населена, но молитвите од разгласот на џамијата се толку гласни, што се пренесуваат и преку затворени прозорци, и во утринските, попладневните и вечерните часови.

Во утринските часови, попладне и навечер, но и на два пати во меѓувреме ечи делот кај чаирскиот парк, околу сообраќајниците „Христијан Тодоровски- Карпош“ и „Кемал Сејфула“, стадионот, кај општинската администрација, па и околу фреквентниот „Џон Кенеди“. Граѓаните мирот го побарале кај локалната полиција и општинските власти. Но, нивните иницијативи не го намалија интензитетот на гласните молитви.

„Во урбани услови кога има згусната поставеност на станбени објекти, прилично е непријатно да слушаме толкава бука и тоа на само неколку метри од нашите соби. Ни се спие, сакаме да се одмориме. Јас сфаќам дека има верски обреди и молитви, но мора ли да бидат толку гласни?“, прашува Марија Пендровска, жителка на улицата „Добри Даскалов“.

Нејзин постар сосед од улицата „Крстен Асенов“, пак, вели дека во август се слушале по три, а сега по пет молитви на ден.

„Јаките децибели се чувствуваат во 5 часот наутро, потоа во 13, во 16, во 19 и на крај во 20,30 часот. Овде живееме и муслимани и христијани, на никој не му пречи присуство на џамија и досега никој не се бунел. Ќе биде сосема нормално доколку џамијата се наоѓа на соодветно место. Но, што е со ограничувањето на бучавата, постои ли некој легитимен регулатор? Знам дека според законот максимално дозволената бучава изнесува 60 децибели“, тврди Беким Мурати.

Дел од граѓаните реагираат и на начинот на кој џамијата се удоми во новиот станбен објект и се рекламира на висечки транспаренти по улицата „Емин Дурку“ и „Крсте Асенов“. Но, праксата покажува дека е отворана можноста да се издаде соодветна дозвола за работа, односно да се изврши пренамена од деловен во верски простор. Ваквата дозвола не ја потврдија, а ниту ја негираа од Општина Чаир. Не одговорија ниту дали пристигнале конкретни жалби од граѓаните за гласниот звук од џамијата и дали реагирале на нив.

Исламската верска заедница веќе се огласи околу активностите на џамијата „Оџа Абдулкадер Арнаути“. Од таму рекоа дека има практика за време на рамазанските пости, кога бројот на верниците е зголемен, да се отвораат молитвени места и да се адаптираат простори и надвор од верските објекти.

Кој е оџата Абдулкадер Арнаути?

Според информациите кои кружат низ интернет-сајтовите, Абдулкадер Арнаути, или роден како Кадри Соколи, бил влијателен исламистички учител со албанско потекло. Роден е во Врела, Косово, во 1928 година, но подоцна емигрирал во Сирија заедно со семејството поради, како што рекол, „угнетувањето на Србите врз Албанците“. Почнал да учи арапски јазик и предавал во многу исламски институции во Дамаск, а подоцна и во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и во Албанија. Станал еден од најпознатите оратори - исламисти.