Со пари ќе се носат странски инвеститори

Во првите шест месеци влегле 110 милиони евра странски инвестиции

Соња Маџовска

Јасно е дека годинава ќе нема инвестиции. Македонија со странски директни инвестиции од 109,9 милиони евра, за првите шест месеци од годинава, и натаму останува на дното, во споредба со земјите од регионот.

Власта, притисната од неколкуте откажувања и неостварените најави за влез на странски инвестиции, дури реши и да го менува Законот за економски зони, со што државата ќе им дава парична помош на потенцијалните инвеститори за да дојдат во земјава.

Според министерот за економија, Фатмир Бесими, со предлог-законот е прецизирано што значи регионална државна помош, според обемот на инвестициите. Постои можност стимулацијата да биде половина од износот на инвестицијата. „За инвестиции во висина на оправдани трошоци до 50 милиони евра во денарска противвредност, во согласност со овој Закон, се обезбедува 100 проценти од максималниот интензитет на регионалната помош. На пример, доколку инвестицијата изнесува 40 милиони евра, максималната регионална помош е 20 милиона евра. За инвестиции од 50 до 100 милиони евра во денарска противвредност, се обезбедува 50 проценти од максималниот интензитет од регионалната помош, односно инвестиција од 80 милиони евра, на пример, максималниот износ во согласност со Законот е 40 милиони евра. За инвестициите што надминуваат 100 милиони евра во технолошките-индустриски развојни зони се обезбедува 34 проценти од максималниот интензитет на регионалната помош“, појасни Бесими.

Една од новините во Законот е што ќе постои стопроцентно ослободување за десет години за персоналниот данок на доход место досегашните 50 проценти за пет години. Со Законот, меѓу другото, се прецизира и кој може да основа и да биде корисник во технолошко-индустриска развојна зона, се допрецизираат процентите доколку има потреба од државна помош. „Станува збор за допрецизирање на постапката како се доделува државна помош. Може да се оди до максималниот износ, но тоа не значи дека во секој случај Владата ќе го додели тој максимален можен износ“, потенцираше и вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Досега во Македонија се регистрирани четири економски зони, две во Скопје и по една во Штип и во Тетово. Сите се празни, иако имаше бомбастични најави дека таму ќе врие од фабрики. Единствено во скопската зона „Бунарџик“ работи компанијата „Џонсон контролс“, а од неодамна со пробно производство почна и фабриката за катализатори „Џонсон мети“. Во економските зони во Штип и во Тетово единствена активност е пасењето на домашните животни. Локалните власти велат дека интересот за инвестирање е многу мал, односно таму се' уште не е изградена ниту потребната инфраструктура за создавање услови за инвестирање. Од Дирекцијата за слободни економски зони, по долго одбегнување да одговорат, конечно признаа дека во помпезно најавуваните зони работат само две фабрики.

Инаку, според последните податоци од Народна банка на Македонија, во првите шест месеци од годинава во земјава биле регистрирани речиси 110 милиони евра странски инвестиции, што значи дека тие се преполовени во однос на минатогодишната бројка од 206 милиони евра, инвестиции во истиот период. Драматични се податоците за јуни, во тој месец влегле само симболични 9,5 милиони евра инвестиции, за разлика од лани кога во истиот месец имало рекорден влез од дури 61 милион евра СДИ.

Во мај контото беше најдобро, со инвестиции од 32 милиона евра, со оглед на тоа што најголем дел од нив, дури 80 отсто, му припаѓаат на „Џонсон мети“,

Сепак, годинава е карактеристична по тоа што главната инвестициска активност во однос на лани е тоа што многу малку од вкупната сума отпаѓа на директни инвестиции, а најголемиот дел се исплатени дивиденди, инвестирање во свои објекти, а покрај тоа зголемена е и бројката на издадени кредити, за разлика од лани кога повеќе се земале отколку што се давале кредити. Според НБМ, странските фирми кај нас вложуваат пари не како директна инвестиција, туку како кредит, бидејќи таа може да се повлече откако ќе оствари добивка, а кредитот може да се повлече во секое време.

Ваквата исход годинава е логичен и произлегува од последиците на економската криза, што ги стопираше инвестирањата секаде во светот. Но, македонските власти долго време негираа дека компаниите со кои потпишале меморандуми се откажале од инвестирање во земјава, туку дека има фирми што само ги замрзнале инвестициите.

Имено, бомбастично се најавуваше инвестицијата на француската фирма „Монтипе“, која објави дека го замрзнува својот влез во Македонија, а како изговор и' послужи кризата. Засега се' уште опстојува најавата за изградба на фабрика за производство на ЛЦД-монитори, заедничка инвестиција на јужнокорејската „Тривју“ и кинеската фирма „Хаер“, која никако да почне да се реализира. Се' уште нема ништо и од планираната инвестиција на словенечката фирма „Искра“. Сето ова илустрира дека, освен премногу реклами за инвестирање во Македонија, Интернет-влезови, многу потпишани меморандуми за соработка, со кои Владата може да се пофали, во земјава има се' помалку инвестиции, а слободните економски зони и натаму се празни. (С.М.)


#