11.10.2012, 13:24 Путин се налути - не оди во Анкара
Потегот доаѓа по инцидентот откако Турција задржа сириски патнички авион, во кој имаше и руски државјани
Рускиот претседател Владимир Путин ја одложи на неодредено време посетата на Анкара, која беше предвидена за овој месец, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, откако вчера Турција задржа сириски патнички авион, во кој имаше и руски државјани.
„Посетата е одложена, датумот ќе биде одреден подоцна“, изјави Песков, без да прецизира ниту какви се причините за одлуката, ниту првично предвидениот датум на посетата.
Рускиот печат пишува дека посетата требало да се одржи следниот понеделник, на 15 октомври.
Турскиот весник „Туркие“, од своја страна, објави денеска дека руските власти донеле одлука да ја одложат за во ноември планираната посета на рускиот претседател на Турција.
Околу инцидентот, турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу изјави дека во авионот имало сомнителен товар кој требало да биде пријавен, пренесе агенцијата Анадолија. Тој уште додаде дека Турција, која воведе ембарго за оружје спрема Сирија, ќе продолжи да ги проверува сириските патнички авиони кои прелетуваат над турска територија.
Во меѓувреме, сирискиот министер за сообраќај Махмуд Саид ја обвини Турција за „воздушно пиратство“, откако турски воени авиони принудија сириски патнички авион, на летот од Москва кон Дамаск, да се приземји во Анкара.
Саид рече дека тој чекор е „авио пиратство кое е во спротивност со договорите во цивилното воздухопловство“.
Турски претставници соопштија дека се посомневале дека авионот пренесувал воена опрема и дека заплениле дел од товарот.
Сирискиот патнички авион принудно е спуштен во Анкара и по повеќечасовен преглед и заплена на „недозволен“ товар го продолжи патот утрово.
|
|