Пепи Бафтировски бара помош да се врати дома

На фолк-пејачот, кој живее во Чикаго, му е дијагностициран рак на белите дробови
Македонската фолк-ѕвезда од почетокот на деведесеттите Пепи Бафтировски, преку своите пријатели во американската дијаспора, апелира да му се помогне да се врати во татковината. На Пепи, пред една година во Чикаго, каде што се отсели пред пет-шест години, му е дијагностициран рак на белите дробови, а пред неколку дена бил и хоспитализиран. Неговите пријатели од САД преку Интернет бараат помош за собирање финансиски средства за Пепи Бафтировски да се врати во Македонија, како негова најголема желба.
Пепи Бафтировски на македонската фолк-сцена застана влегувајќи на голема врата со песната „Сине мој“, во почетокот на деведесеттите години, и тогаш како повратник од печалба во САД. Иако со таа песна и текот на својата музичка кариера, Пепи имаше репутација на ѕвезда, незадоволен од третманот и животот на луѓето од естрадата во Македонија, повторно се реши да замине на „гурбет“, но овој пат со сопругата Ава и синот Емил. Неговите пријатели од Македонија велат дека од пред една година изгубиле контакт со него. Пепи престанал да се јавува, а во меѓувреме му се распаднал и бракот со Ава, па останал сам во туѓина.
„Сега, кога е болен и осамен, Македонија е неговата последна желба. Помогнете ни да го вратиме Пепи во неговата татковина, во земјата од каде што потекнува. Пепи верува во добрината на нашите луѓе. Тој се надева дека таа добрина ќе му помогне да се врати дома и таму да го мине времето што му преостанува. Се надева дека ќе се врати меѓу своите луѓе. А надежта последна умира...“, се вели во Интернет-писмото со апел за финансиска помош за Пепи Бафтировски. (Ј.П.) |