05.04.2012, 17:02

Полемика

Е, ако де...

Паско Кузман

(Повод: Ерол Ризаов, Паско, ќе зажалиш повеќе од Пруст, „Утрински весник“, 2 април 2012)

Словенската материјална култура во македонсаките простори речиси ја нема. Ние само го збогатуваме словенскиот елемент во македонската идентитетска маса. Без разлика како вие го разбирате тоа


Господине Ризаов, еве повторно ти се обраќа „државниот археолог“ (како што упорно милуваш да ме нарекуваш), за да не мислиш дека си ме „смачкал“ само со еден удар со твоето „метално“ и „ментално шкрипење“ и, уште повеќе, за да не мислиш дека „преку мене“ си ги смачкал сите мои истомисленици и за да не мислиш дека преку мене си ја „изудирал“ неподносливата ти власт татковинска.

И не знам зошто ми се закануваш уште со насловот дека ќе зажалам „повеќе од Пруст“, толку ли си убеден во моќта на твоите „камшици“, во моќта на твојата „жива сила“, о Ероле! Не очекував да се спуштиш на толку жестоко ниво, но ако тоа го објаснува твојот ментален склоп и колку повеќе се обидуваш да бидеш посилен, пожесток и „побрилијантен“ во намерите да удираш со толчник (по мојата глава), толку повеќе самиот себе се удираш како со бумеранг.

По малку и ми е жал, бидејќи очигледно се јадосуваш додека ми се обраќаш, па те обзема некаква жолчност, а тоа не е доволно достоинствено и не ти прилега на годините со журналистички стаж. Но, верувам дека ќе ти помине, дека ќе размениме мислења и ставови кои нема да не' повредуваат самите нас, ниту нашите истомисленици (не до сосем, се разбира).

За да ја потспуштиме напнатоста, ќе ти раскажам една шеговита случка од вистинскиот живот. Една наша позната новинарка, пред настап на премиерна претстава, му се обратила на еден наш познат артист и го прашала како се чувствува, дали е возбуден и дали има трема пред настапот. Овој и' одговорил: „Не јади л....“ Новинарката навредена утредента отишла да се пожали кај директорот на театарот, писателот Живко Чинго. Овој и' рекол: „Добро де, не ти рекол да јадеш л...., ти рекол да не јадеш л....“ Така и ти, со мене, пријателе. Ми велиш: „Паско, со многу големи имиња се идентификуваш. Не ќе да е на арно. Де со Пруст, де со Пушкин. Набргу ќе посакаш да станеш Моцарт, а јас, разбира се, злобниот Салиери“.

Сега, добро паметам (или можеме да погледнеме), јас тебе ти напишав, просто, дека не сакам да бидам Пушкин, не ти реков дека сакам да бидам Пушкин?! Згора на сето, ти уште ми го надодаде и Моцарта, па веќе нема смисла. Зошто ми префрлуваш дека со големи имиња сум се идентификувал? Ти, очигледно, не си ги разбрал моите „Прустовци“, „Пушкиновци“ и „Дантевци“, аман бре, не разочарувај ме! И не си ја разбрал суштината на моето кажување, за која стопати тврдам, не го негира никако нашиот идентитет, ако сакаш, ниту твојот ниту мојот, туку ги спојува и ги покажува нашите заеднички особини, нашите сличности, нашата заедничка приказна, која се случуваше „под муренката, каде што си игравме како деца...“

Ех, се подбиваш со „романтичарските вознеси“ на балканските народи и ги наведуваш таквите идеологии како причини за „крвови до колена“, но јас ќе те потсетам да навлезеш подлабоко во причините за војните и на Балканот и во светот подалеку, па и меѓу Световите (во филмовите!), па ќе видиш дека тие „романтичарски вознеси“ никогаш не биле главните иницијали, туку многу, многу погрди, поалчни „материјалистички вознеси“ создавале држави, империи и царства со „крвови до колена“. Ало, ти зборува археолог, а ти си историчар (по вокација), нели? И како таков, да те потсетам дека во историјата е познато, дека секој народ, ако ги нема, ги создава „романтичарите“, ако за ништо друго, барем да ја поттикнат науката да се развива, да ги проверува фактите (како на пример: дали навистина во „Илијадата“ се идентификувани „најмалку 83 зборa“ идентични со слични зборови од македонско-старословенскиот јазик). Ајде сега, не запаѓај и немој да се залетуваш, позеленет како бронза, од триумфалност, со која, всушност, ќе сакаш да ме исмееш.

Немој Ероле, жити мајка, па зар не гледаш дека само те навлекувам. Значи, сигурно ќе се сложиш, „романтичарските научници“ ги поттикнуваат, ги иницираат и ги инспирираат вистинските научници да ги расветлуваат недоволно светлите теми во науката. А една од најнедоволно светлите теми во археолошката наука е словенската материјална култура во македонските простори. Речиси ја нема. Исклучително темна тема. Но, тоа не значи дека јас, или ние, го запоставуваме словенскиот елемент во македонската идентитетска маса. Ние само го збогатуваме, без разлика како вие го разбирате тоа. Ако не ти е доволно јасно, ќе се обидам да те убедам со мислите на Стојан Христов (на кого, во оваа прилика, ме упати мојот „брат Мемати“ од „Долина на волците“, Кочо Ф): „Една нација не е само предел од земја со луѓе што пасат како стадо. Ниедна нација не е само земја и куќи и народ. Луѓето што го заслужуваат името нација се вдахнати со заеднички дух и ги обогатуваат своите духовни и морални вредности, своето културно наследство. Должност на учените и научниците на нова Македонија, должност на државниците на нова Македонија е да трагаат по секое делче македонско наследство, да го најдат каде и да е скриено, под каква било маска, колку и да е изменето, и да го вратат на неговото вистинско македонско место, да му го вратат неговиот вистински македонски изглед, на тој начин новата нација да се здобие со длабина, дух и димензија“ (ова е од „Современост“, 1-2, 1985,17, а го има и кај Г. Старделов, македонска книжевност, избрани дела, VIII том, 42).

Ова е вистината која треба да ја знаеш, иако е искажана многу одамна, сега е актуелна, сега е исто така движечка сила и мисла која влече, оти „ние и' припаѓаме на земјата пред таа нам да ни припадне“ (Роберт Фрост, кај Старделов, цит. дело, 43)

И кога сме кај словенскиот дух и време, ти си зеде за право да ме навредуваш со најмизерни и најнископопулистички квалификации за мојата личност, парафразирајќи ми ги зборовите, дека го „обвинувам и исмевам“ првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, дека го „исмевам“ Љупчо Георгиевски, човекот околу кого сум трчкал како „кутре околу неговите нозе на Плаошник“, кој ме оставил „слободно да минирам историски споменици кои се под заштита на државата“.

Ах, Ероле, ти којшто патиш од „античкото отровно семе што го посеавме со власта“, ти којшто своевремено му се обрати на мртвиот Димче Коцо за да му го покажеш твоето силно „исламско родољубие“ и бедното „христијанско мракобесие“, за да му покажеш како „твојот пријател археолог“ мирно минира царска џамија за да воздигне некакви темели од некаква „нецарска“ Светиклиментова црква, ти којшто си мислиш дека си храбар колумнист „како Емил Зола во аферата ‘Драјфус’“, ти веќе си подостарел и тешко ги контролираш твоите алатки за егзистенција – зборовите; ти не си разбрал дека јас, всушност, ги пофалив (навистина со иронија, но ги пофалив) политичарите-претседатели и политичарите-поети за нивната силна „словенска антитеза“ (имајќи ја предвид словенско-венетската сторија, секако, не само словенската).

А што се однесува до личноста на Киро Глигоров како прв претседател на Република Македонија, на кого не сум му „ни до колена“ (како и ти, фала ти) и до личноста на Љупчо Георгиевски, експретседател на Владата на Република Македонија, „околу кого трчкав како кутре на Плаошник“ - на двајцата јавно им искажувам големо уважување и почитување, искрено, наспроти твојата злобна интерпретација на моите коментари. Верувам дека и ти го мислиш истото за овие уважени господа, дури и за вториот, и покрај твоите јавни закани за „тупаничење“ со него покрај кафеанска маса во времињата кога тој беше харизматичен лидер на опозицијата во Македонија.

Сега и овој лидер на позицијата не го поднесуваш, а знам и зошто. Ти, всушност, стар мој пријателе, не ги поднесуваш оние четири букви зад кои стојат тие двајца носители на функции во оваа татковина. Најверојатно, корените за таа нетрпеливост се подлабоки, а јас не сум во состојба да ги сознаам, оти се тие длабоко во тебе. Но, тоа е твоја работа, мене воопшто не ми пречи, јас повторно би те поканил на ракија, питулици и ѓомлезе кај мајка Петра на улица „Крсте Мисирков“ број 8 во Охрид.

На крај, би сакал да ти спомнам само уште една работа во врска со „идентитетскиот земјотрес“ и со нашето сл��венско минато. Како тоа, Ероле, потписникот на овие редови, заедно со неговата (за жал и твојата) власт и заедно со многу други луѓе од оваа земја и Словени по род, ја возобновија Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“ на Плаошник и сега го возобновуваат целиот комплекс „Светиклиментов универзитет“, ако го отфрлаат словенството од идентитетот и ако ги отфрлаат оние 300 милиони луѓе од Евроазија со словенско потекло, кои ти ги спомнуваш, како тоа овие луѓе ги „трошат народните пари“ за епопејно воздигнување на словенството наспроти нивната „сурова стратегија“ за предизвикување „идентитетски земјотрес“ со барање на идентитетските корени во античка Македонија, како тоа ќе успееш да ги раздвоиш или, уште појасно, како ќе успееш да ги споиш овие две „антиподни“ идентитетски појави во Македонија?

(Авторот е архитект и директор на Управата за заштита на културното наследство)