Виното ќе ги зближува Македонија и Грција
Тиквешиjата во соработка со северна Грциjа развива стратегиjа за вински туризам во регионот
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Политиката не може да застане на сечиј пат. Индикатор за тоа е соработката меѓу македонските и грчките винарски визби за спојување на винските патишта во двете земји. Фондацијата „Тиквешки вински пат“ и грчката национална организација на енолози и винарници, предводена од актуелниот солунски градоначалник, Јанис Бутарис, соработуваат околу развојот на винскиот туризам во Тиквешијата и во северна Грција.
Двете организации аплицирале за проект за прекугранична соработка и се надеваат дека со него ќе можат подобро да пласираат заеднички производи на винските патишта и да обезбедат заеднички настап на странскиот пазар, што ќе им помогне на македонските винарници да се стекнат со поголемо искуство и полесно да се промовираат на поголем туристички пазар.
Македонската фондација „Тиквешки вински пат“ работи на развивање на винскиот туризам во Тиквешијата од 2006 година. Иако се смета за релативно нова фондација, сепак, Виолета Јанкова и Дивна Јордановска, основачки на организацијата, се дел од Управниот одбор на „Европскиот вински пат“, каде што се вклучени 18 држави-членки, како што се Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Словенија, Хрватска и други.
Виолета Јанкова, извршна директорка за секторот за туризам на „Тиквешки вински пат“, вели дека иако ја очекуваат одлуката за тоа дали ќе бидат одобрени средства за проектот за меѓугранична соработка со Грција, сепак, и македонската и грчката организација активно работат на спроведување на проектот. Проектот е составен од две компоненти, односно едукација во областа на винскиот туризам и вмрежување на винските патишта на северна Грција и Тиквешијата. Доколку помине проектот и успеат да ги добијат финансиите ќе имаат одлични услови за едукација на населението за развој на винскиот туризам.
Независно од тоа дали ќе ги добијат бараните финансии за соработка меѓу двете организации за развој на винскиот туризам, „Тиквешки вински пат“ во февруари ќе оствари работен состанок со грчките колеги и раководители во однос на соработката за проектот. „Ќе се дискутира за можноста за пласирање заеднички производ за вински патишта, изготвување заеднички материјал и заеднички настап и претставување на странскиот пазар. Винските љубители се посебен пазар. Сметаме дека ако ги поврземе винските патишта во Грција и во Македонија ќе добиеме повеќе клиенти“, вели Јанкова. Додава дека иако двете места имаат своја историја и приказни, сепак, убавите вина и заедничкото поврзување ќе им донесат повеќе гости, а истовремено ќе ги олеснат и трошоците за настап на странските саеми.
Солунскиот градоначалник и еден од раководителите на проектот од грчка страна, Бутарис, во интервјуто за „Утрински“ изјави дека токму оваа соработка, размена на искуства и меѓусебна помош е начин да се приближат граѓаните на Македонија и на Грција и да увидат дека политичкиот спор е бесмислен и постојат начини за добра соработка меѓу двете држави.
Винските патишта во Тиквешијата ги сочинуваат винарниците „Стоби“, „Тиквеш“, „Попов“, „Пивка“, „Фонко“, неколку хотели и ресторани, како и првиот музеј на виното. Доколку се добијат средствата од проектот за кој аплицирала фондацијата ќе почне да се работи и на формирање туристички информативен центар, средување хотели и мотели, но, главно, на едукација на граѓаните од регионот за туристичките можности на винскиот туризам во Тиквешијата.
„Винскиот туризам кај нас е нова гранка. На луѓето од Тиквешијата се' уште не им е јасно како може да заработуваат од овој вид туризам, бидејќи едноставно овој предел досега не се сметал за туристички“, посочува Јанкова.
Виното е основа за овој вид туризам, а, според Јанкова, не значи само дег��стација и прошетка низ винарските визби, туку и дегустација на виното што се произведува во домашни услови и храната од локалната кујна.
За гостите во Тиквешијата е направен и Музеј на виното каде што, покрај другото, може да се види и да се купи монографија за лозарството и за винарството во регионот. Фондацијата работи на издавање гастрономски водич низ Тиквешијата со традиционални јадења и специјалитети од регионот. Како посебно интересни Јанкова ги посочува маџунот, сок од шира, густ и со сладок вкус, кој се користи за правење слатки како араванија.
Заинтересираноста за винските патишта во Македонија досега е на задоволително ниво, но од „Тиквешки вински пат“ сметаат дека се' уште треба да се преземат многубројни активности за да се донесат уште повеќе туристи и вистински да процути оваа алтернативна туристичка гранка во државата. Проблемот, како што велат, не треба да се бара само кај државата, туку кај сите туристички тела во Македонија. Според Јанкова, треба уште многу да се работи на подигнување на свеста, генерално, потребна е упорна работа и постојано да се вложуваат време и пари за развој на алтернативните форми туризам, но и да има соработка меѓу туристички агенции во државата и оние организации што работат на подготовката на туристичката понуда и производ. „Ние, како фондација, изготвуваме готов производ и им го нудиме на агенциите. Им дадовме и понуда за турите низ винските патишта, како и понуда да бидат вклучени во водичот како застапници, да бидат рекламирани на нашата веб-страница, на мапата и, генерално, да бидат промовирани секаде каде што одиме ние. Понудата за се' ова беше околу 9.000 денари. Само една туристичка агенција ни одговори позитивно, а другите ни рекоа дека можат и сами да се рекламираат. Но, никој не може сам да развие туризам. Потребно е здружување на сите фактори, хотели, агенции, ресторани, винарници, па дури и докторот и новинарот во едно туристичко место треба да работат на развојот на туризмот. Државата може да ни помогне со кампања, со инфраструктурни проекти, но се' друго мора да го развиваме сами“, вели Јанкова.
Главниот проблем, според неа, е тоа што туристичките агенции кај нас не се заинтересирани за промоција на домашниот туризам, не го согледале потенцијалот на инкаминг-туризмот, односно носење странски и домашни туристи низ Македонија, туку се фокусираат на извозен туризам, во странство.
Досегашните туристи се и домашни и странци, а, според Јанкова, околу 70-80 отсто од нив сами ги организираат винските тури. Според анкетите на фондацијата, околу 99 отсто од гостите воопшто не добиле понуда од туристичка агенција за вински туризам. Најголем дел од посетителите за винските патишта слушнале преку винарските визби.
За Јанкова и за нејзината партнерка во фондацијата, Дивна Јордановска, идеите за развој на алтернативниот туризам не застануваат само на винските патишта. Веќе имаат аплицирано за проектот „Рели-тур“, кој се фокусира на развивањето религиозниот туризам преку идентификација на манастирите во пограничните региони на Македонија и на Грција, изработка на патеки и тури за ваков вид туризам. Проектот е изработен заедно со универзитетот „Аристотел“ од Солун, Стопанската комора на Пела и СКТМ-Стопанската комора за туризам на Македонија. |