22.07.2012, 20:41 Да се купи стан на кредит или да се плаќа кирија
Според пресметките на „Утрински весник“ излегува дека ратата за кредит за стан е речиси идентична со месечниот надомест за живот под кирија
Соња Маџовска
Живот под кирија или да се купи стан на кредит и да се отплаќа со години? Која варијанта е поприфатлива за македонските граѓани.
Додека најголемиот дел од Европејците преферираат да живеат под кирија, бидејќи цената за квадратен метар е превисока, кај нас повеќето граѓани се решаваат да купат стан на кредит, наместо цел живот да плаќаат кирија, а притоа парите да им одат во ветар.
И покрај стресот при отплатата, 90 отсто од становите во земјава се купуваат на кредит. Опцијата да се купи свој стан е сепак поисплатлива. Според пресметките на банкарите, за станбен кредит од 30 илјади евра, кој се отплаќа 30 години, месечната рата обично достигнува до 200 евра, а толку изнесува и киријата за еднособен стан во Скопје. Па така, ратата за кредит за стан е речиси идентична со месечниот надомест за живот под кирија.
Значи прашањето е дали да се дадат 200 евра за рата или 200 евра за кирија?
Граѓаните велат дека со станбен кредит работниот век поминува под стрес плаќајќи секој месец рати во недоглед, но сатисфакцијата е што станот ќе остане во ваши раце.
„Неколку години живеев под кирија и за стан од 60 м2, ненаместен, плаќав секој месец по 230 евра. Долго време се обидував да земам станбен кредит и се распрашував во сите банки, каде што се најповолни условите. Она што најмногу ме кочеше да ја реализирам идејата беше високиот процент на учество што го бараат банките кој изнесува од 30 до 50 отсто од вредноста на станот што се купува. На крајот едвај успеав да соберам со помош на роднините пари за учество и зедов станбен кредит. Сега плаќам помалку за рата отколку што плаќав кирија и сепак сметам дека направив вистински чекор, затоа што станот еден ден ќе биде мој. Конкретно, ратата за кредитот изнесува 170 евра месечно. Зедов кредит во износ од 23 илјади евра со рок на отплата од 20 години“, вели една скопјанка. Потешкотии со кои што се соочуваат кредитобарателите, се сепак долгите процедури додека се одобри кредитот, кои траат најмалку еден месец.
Дополнителен проблем е што банките најчесто бараат кокредитобаратели, а тие е пожелно да бидат вработени во државната администрација. Освен тоа, станот што се купува се става под хипотека, што значи дека мора да се направи проценка на станот, преддоговор на нотар, и други административни процедури. Овој пат мора да го изодат сите што земаат станбен кредит.
Граѓаните коментираат дека иако станбениот кредит значи голем товар за семејниот буџет, а во периодот на исплата постојано е присутен притисокот дека прво мора да се плати ратата за кредит, па после се' друго, сепак се решаваат на овој чекор.
Други, пак, велат дека со години живеат под кирија и не сакаат да земат станбен кредит, бидејќи не можат да соберат пари за учество.
Во охрабрувањето не помогна многу ниту проектот на Владата „Купи куќа-купи стан“. Иако се очекуваа над 2.000 барања уште во првиот бран, кој почна на крајот на јануари, само 50 успеаја да ги исполнат условите на Владата и на банките.
Решавањето на станбеното прашање е еден од најтешките проблеми, особено за младите брачни двојки. Секој сака да дојде до свој покрив над глава, но прашањето е што е наједноставно и најисплатливо. Младите најчесто се решаваат да купат стан на кредит, но само доколку им помогнат родителите со пари за учество, па останатото го плаќаат сами од нивните скромни плати.
Пресметка за станбен кредит од 30.000 евра
Побаравме пресметки за станбен кредит во двете најголеми банки, Стопанска банка и Комерцијална банка.
Во Стопанска банка велат дека за кредит од 30.000 евра, со 30 години рок на отплата и гарантирана каматна стапка од 5,85 отсто за првите 3 години, рата��а изнесува 177 евра месечно, а во останатите години на отплата со променливата каматна стапка која во моментов изнесува 7,25 отсто за клиенти кои платата ја примаат преку Стопанска банка, ратата изнесува 204,65 евра.
Сепак од банката велат дека за најдобра пресметка клиентите е потребно да дојдат во една од филијалите на банката и во консултација со советникот за станбени кредити да изработат пример амортизационен план. „Во изминатиот период, благодарение и на сезоната и на промотивните активности на банката, интересот за станбени кредити е во постојан пораст. Богатиот избор на опции кои се понудени на клиентите – денарски, девизен, за станови во изградба, за купување на деловен простор и слично, предизвикуваат интерес кај клиентите да го решат станбеното прашање и да се одлучат за станбен кредит кој не го оптоварува семејниот буџет“, информираат од Стопанска банка. Од таму додаваат дека согласно со нивните анализи, просекот за станбен кредит изнесува околу
27 до 28.000 евра, а рокот на отплата е 18 години. Но, за да се добие овој просек, станбените кредити варираат и во износот и според годините на отплата, зависно од потребите на клиентите. Од оваа банка велат дека просечно месечно банката процесира околу 80 до 100 станбени кредити, а клиентите кои користат станбени кредити се едни од најревносните плаќачи. Бројот на кредити, пак, за кои се реализирани недвижностите заради неможност на отплата на обврските, е еден кредит на 1.000 исплатени кредити.
За станбен кредит со евроклаузула во Комерцијална банка на износ од 30.000 евра со рок на отплата од 30 години, месечниот ануитет изнесува 196,50 (пресметката е извршена според условите за кредитоважечки во моментот). „Побарувачката за станбени кредити во последните неколку месеци е со вообичаена динамика за овој период од годината, при што е забележан зголемен интерес за станбените кредити со воведување на новиот станбен кредит со евр�� клаузула на банката“, потенцираат од Комерцијална банка.
Разликата меѓу киријата и кредитот е учеството за стан
За стан во Скопје од 60 квадрати киријата се движи од 200 евра па нагоре.
За овој стан кираџијата за 30 години ќе плати вкупно 72.000 евра, под услов во меѓувреме да не се зголемат кириите. Толкава е и сумата што ќе се плати за кредит од 30.000 евра на 30 години. Сепак, при купување стан, покрај тие 30.000 евра кредит, потребни се уште најмалку од 20.000 до 30.000 евра за учество.
Ако се земе пресметка за стан од 60 квадрати по цена од 1.000 евра за квадрат, значи тој ќе чини 60.000 евра. Ако кредитот е 30.000 евра, потребно е учество од уште 30.000 евра. Вкупно овој стан од 60 квадрати клиентот заедно со учеството и отплатата на ратите ќе го чини 102.000 евра. Што значи дека разликата меѓу купен и изнајмен стан е учеството што треба да се плати за купениот стан или околу 30.000 евра.
Иако пресметката за купување стан на кредит на прв поглед изгледа застрашувачка, дека за стан од 60 квадрати треба да се платат 102 илјади евра, прашање е и дали каматата ќе остане иста заради инфлацијата и на крајот сепак станот останува во ваша сопственост.
При оваа пресметка мора да се има резерва, бидејќи претпоставка е дека каматата би останала иста и во наредните 30 години, што е малку веројатно. Исто така, банкарите велат дека најчесто оној што зема станбен кредит со долг рок на отплата, доколку во меѓувреме дојде до поголема сума пари, ги уплаќа, со што по негов избор или му се намалува ратата, или годините на отплата.
Од Агенциите за недвижности пак, велат дека ретко се наоѓа стан под кирија за 200 евра, и во просек наемот е околу 300 до 350 евра. Се' зависи од тоа во кој реон се наоѓа станот, дали е наместен или празен.
Искуството на Агенциите потврдува дека оние што имаат пари за учество, околу 30 отсто од цената на станот, и се кредитоспособни, најчесто се решаваат да купат стан, додека оние што немаат ниту пари за учество ниту се кредитспособни, немаат друг избор освен да одат под кирија.
|