05.10.2011, 17:14 Курбан зеленило за модерни булевари
Заради реконструкцијата на трите големи сообраќајници, жртвувано е децениско зеленило
Деспина Трајковска
Скопје, конечно, заслужено доби нови модерни булевари. Граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките на реконструираните сообраќајници, булеварите „Св. Климент Охридски“, „Илинден“, а наскоро и „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Но, признале надлежните или не, функционалноста на улиците во голема мера е на сметка на булеварското зеленило.
Заради проширување на „Илинденска“, се исекоа десетици багреми, во Капиштец во минатото заминаа тополите, а срцето на градот остана и без децениските липи на некогаш препознатливиот булевар „ЈНА“.
Точно е дека исеченото зеленило се компензира со ново, но не во потребната мера според познавачите на проблемот. Градоначалникот Коце Трајановски уверува дека за секое исечено дрво се засадени десет нови. Тоа, дефинитивно не е случај со „Климент Охридски“, каде што се исекоа децениските липи. Градските власти, (не)намерно, во проспектот што го делат по улици не ги потсетуваат граѓаните како навистина изгледаше булеварот пред реконструкцијата. Но, тешко дека некој ќе ги заборави липите кои, всушност, беа препознатлив белег на Скопје. Дека заради развојот на градот трпи зеленилото, укажуваат и одредени анализи на терен. Последните бројки укажуваат дека во Скопје има пет квадратни метри зеленило по глава на жител, а ЕУ-стандардите проектираат да има седум квадрати. „Тенденција на модерен град не значи и уништување на зеленилото. Напротив, ако се следат ЕУ-стандардите, зелените појаси воопшто не треба да се во втор план“, се честите коментари на граѓаните и на експертите. |