Едиторијал
СДСМ да го предаде Карпош
Соња Крамарска
Две жени коси ќе искубат пред просториите на Општина Карпош за да докажат кој е подобар градоначалник. Дали сегашниот или некој претходен или иден. Вика едната, вика другата, ништо не ги разбравме. Зборуваа нешто за популарност, чесност, добрина, партиски вработувања.
Но, оставија лоша слика за државата. Затоа што случувањата во Карпош се всушност слика за случувањата во целата држава. Длабокиот антагонизам во кој западна македонското општество. Поларизираност до бескрај, која се заканува да го парализира функционирањето на целата заедница.
Двете жени не се ништо друго туку Стевчо Јакимовски и Коце Трајановски, Бранко Црвенковски и Никола Груевски, Александар Бичиклиски и Емилијан Станковиќ.
Таква е атмосферата во земјата, за жал. Никој веќе не ги слуша туѓите аргументи, туку како рафал ги исфрла своите. Никој спрема никого нема почит. Човек просто да помисли дека веќе и физички се загрозуваме едни со други. Како во вестерн филмовите: „овде повеќе нема место за нас двајцата“!
Кога дојде на власт Груевски вети нула толеранција за криминалот и за корупцијата, но од тоа ветување излезе само нула толеранција едни кон други. Нула политичка толеранција, нула старосна толеранција, нула полова толеранција, нула социјална толеранција. Во оваа држава веќе не се разменуваат аргументи. Се разменуваат навреди и етикети.
Главниот виновник за таквата состојба, несомнено ја имаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Но одговорноста е повеќе на страната на владејачката партија, бидејќи нивото на дискусијата во оваа земја почна да го спушта со прес-конференциите на Бичиклиски. Вина и одговорност на социјалдемократите е што ја прифатија таа игра и почнаа да возвраќаат со истиот тон.
Повеќе пати имам напишано дека јавните личности, особено политичките елити се модел за однесување на сите граѓани во едно општество. Ако тие викаат едни на други, така ќе викаат и граѓаните. Ако постои напнатост во нивните меѓусебни односи, тоа ќе се пренесе и на пошироката заедница. Токму така и се случи. Не е далеку денот кога, ако така продолжат работите, ќе почнат тепачки на партиски митинзи или на социјалните штрајкови.
ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија покажа низок капацитет за прифаќање на критика. Всушност, тие со критиките не можат воопшто да се носат. Пречувствителни се и гледаат да задушат секоја реакција што ќе се појави, а е инспирирана од опозицијата. Ја партизираа максимално јавната и државната администрација, а сега прстот го вперија во СДСМ.
Како да е СДСМ на власт а тие во опозиција.
Голем проблем е ако во една држава дијалогот се замени со отворено непријателство. Уште понепријатно е ако на тоа му кумуваат оние што се најповикани да промовираат и застапуваат вредности кои се одлика на цивилизирано општество. Груевски постојано се жали дека неединството во државата ни ги урива преговарачките позиции со Грција. Па, еве тоа нека му биде инспирација и мотив за подобрување на атмосферата во земјата.
Уште полошо е кога владејачка партија ќе поттикнува граѓански реакции до странските амбасади во земјата, како што се случи вчера. Така покажува дека е немоќна сама да излезе на крај со проблемите. А немоќна владејачка партија е катастрофа за една држава. Што се однесува до случајот со Карпош има само една можна завршница: СДСМ нека го предаде Карпош на ВМРО-ДПМНЕ. Заради мирот на граѓаните. |