Мислења
Грујовизми
Ѓорѓи Спасов
СДСМ ќе мора да покаже дека е алтернатива на политиката на Груевски. Но, прво ќе мора да почне да верува во себе, за да му веруваат другите
По објавувањето на информацијата за намерата на ВМРО да организира и предвремени локални избори со цел да ја освои локалната власт во сите општини, станува јасно дека прв приоритет на Груевски е да го снема СДСМ. Тој и го ветуваше тоа во неговите предизборни говори токму со тие зборови. Но, не само тоа. Нему му припаѓа мислата дека „СДСМ треба да се тресне од земја“ за да се реформира и да стане конструктивна и патриотска опозиција во земјата. Овие „хумани“, политички „зрели“, умерени и „патриотски“ идеи на нашиот најомилен политичар во земјава, познати веќе како „грујовизми“, треба да го загрижат СДСМ. Ако некој толку политички моќен како Груевски посакува да ве снема и работи на тоа со сите средства што му стојат на располагање, во земја во која не се баш многу јаки институциите на власта и правото за да ве заштитат, тоа и може да ви се случи.
Оттаму, СДСМ, по губењето на парламентарните избори преку моделот на предвремени избори, треба да сфати дека има работа со, условно кажано, еден вид „сериски убиец во политиката“. Тој прво ја убива опозициската парламентарна група, па потоа негова жртва се градоначалниците од редовите на опозицијата и, на крајот, веројатно, и претседателот на државата.
Како во случајот со сериските убијци, аналитичарите можеби ќе откријат дали причина за толкавата негова фрустрираност од опозицијата, која тој сака да ја снема, бил фактот што неговата мајка или неговиот татко биле членови на СДСМ (СКМ, КПЈ), па го малтретирале како дете, па ете тој вака сака да им се одмазди на сите што го потсетуваат на нив или, пак, станува збор за вродена особина. Кога се знае дека мајка му има четири стана, а тој ниту еден, многу е можен ваков расплет на настаните. Но, настрана шегата, факт е дека се' додека Груевски е главниот политички актер во Македонија, претседателот Црвенковски и СДСМ во целина со право треба да бидат загрижени. За Груевски како и за Љупчо Георгиевски на времето „цело е кога имаш се'“.
На Груевски му одат во прилог сите политички околности за остварување на неговата цел, а кога тие не се во негова полза, тој ги прави да бидат такви. По ветото на Грција во Букурешт, лесно беше да го подигнеш националното незадоволство од Европа, од Грција, па и од САД. Лесно беше да му кажеш на својот народ - ние сме добри, ама другите со добро не разбираат. Лесно беше да ја подигнеш националистичката еуфорија во форма на одбранбен национализам и сите други што не мислат како тебе да ги претставиш и да ги третираш како предавници. Лесно беше да формираш патриотски фронт како што беше фронтот на социјалистичкиот народ кој не' бранеше од сите непријатели на комунизмот. Патриотска хистерија и пиратерија, како што ја нарекуваат некои новинари.
Но, тоа што ги знае причините за состојбата, не му помага на СДСМ. Груевски убеди речиси половина милион граѓани дека тој може да не' спаси и од лошите Грци, и од сиромаштија, и од криминалци, но и од „преголемите апетити на Албанците“. Тој комотно си изгради лик на спасител и речиси на национален херој заслужен да биде сместен во музејот на восочни фигури што ќе го гради во Скопје.
СДСМ реално нема шанси против него се' додека систематски не успее да ја поткопа таа лага. А таа, како и во Србија во времето на Милошевиќ, може да потрае. Но, и разобличувањето на неговата лага нема да биде доволно. Груевски набрзо ќе излезе со слоганот на Милошевиќ кој гласеше: „А кој друг би ме заменил мене?“
СДСМ ќе мора да покаже дека е реална алтернатива на оваа политика.
Прво ќе мора да почне да верува во себе, за да почнат да му веруваат другите. А за да почнат да му веруваат, не треба да го имитира ВМРО-ДПМНЕ. Треба да ја покаже својата различност и својата способност да одговори на предизвиците од времето. На Македонија не и' е потребен уште еден Груевски, потребна и' е алтернатива.
Создадената коалиција „За европска Македонија“, која доби поддршка од 230 илјади гласачи, треба да демонстрира многу бргу дека има моќ и дека знае таа своја моќ да ја употреби за одбрана на демократските придобивки во земјата. Демократијата мора и да се одбрани кога ќе биде загрозена како и човековите права и слободи.
СДСМ треба да се концентрира на одбраната на владеењето на правото и на заштитата на слободите на граѓаните. Одбраната на правото и слободите не завршуваат на границите на Македонија и тоа Груевски мора да го знае или да му се стави до знаење. Неговиот суверенитет е ограничен и не може да се претвори во диктатор во земја која е кандидат за членка на ЕУ. Тој е под постојан мониторинг на оние од Брисел кои и тој, исто како Љупчо Георгиевски, веќе ги третира како непријатели на Македонија. Тој мора да се принуди да сфати дека не може до бесвест да ги злоупотребува државните фондови и да не дава отчет за потрошените пари. Мора да биде изложен на потсмев неговиот економски реформизам кој сериозни економисти веќе го сметаат не за реформизам, тука за аналфбетизам во економијата.
Груевски треба да се остави и да му се даде прилика што почесто да повторува како некоја баба Симка, дека тој многу работи, дека е чесен, дека не попушта и дека е загрижен и дека неговата преродба постојано се проширува, надградува и остварува. Само, по секоја негова изјава и реклама треба да се предочуваат сметките. Кој тоа саморекламерство на неговата партија-држава го плаќа, од чии пари, со каква цел и кој го остварува профитот.
За опозицијата постои и надеж. ВМРО секогаш кога доаѓа на власт ветува дека ќе владее сто години и затоа има програма од сто чекори. Но, никогаш не стигнувал подалеку од вториот или третиот, зашто секогаш прави грешки во чекори и судијата го исфрла од игра. Сега е кај вториот чекор. СДСМ како партија и коалиција, која на своите листи има толку многу професори, доктори, амбасадори, поранешни министри, градоначалници и луѓе со стабилни кариери и потребна сериозност, не треба да биде уплашен од Груевски, Јанкулоска или Ставрески кои до стапувањето на нивните функции беа целосни анонимуси во земјата. Потребен е само инает, свестување и желба да се променат состојбите.
(Авторот е универзитетски професор) |