18.09.2012, 15:10 Македонија пак ќе падне на листата на ФИФА
По поразот во Загреб и ремито во Глазгов, во октомври се очекува пласман на 103. место
Македонската репрезентација на следната ФИФА ранкинг-листа, која официјално треба да биде објавена на 3 октомври, ќе назадува за шест позиции повторно враќајќи се под 100. позиција меѓу најдобрите светски селекции.
По поразот од Хрватска и ремито со Шкотска на стартот од квалификациите за СП 2014 нашиот национален тим во октомври, според пресметките, треба да биде на 103. место на листата и натаму убедливо најслабо рангирана репрезентација во нашата квалификациска група.
Хрватите ќе назадуваат за две позиции, додека сериозен напредок од десет, односно девет места ги очекува Белгија и Србија, кои во октомври ќе бидат на 30., односно 33. место. Шкотска и Велс, пак, по слабиот старт ќе назадуваат за девет, односно 12 позиции.
На врвот без промени е Шпанија пред Германија, додека сега Португалија треба да се пробие на третата позиција. Аргентина ќе напредува за три места, сместувајќи се на четвртата позиција. Најголем напредок од цели 13 места и пробив во топ 10 ќе има за Колумбија.
Очекувана листа на ФИФА за октомври: Шпанија 1611 (0), Германија 1459 (0), Португалија 1259 (+1), Аргентина 1208 (+3), Англија 1196 (-2), Холандија 1141 (+2), Уругвај 1140 (-2), Италија 1106 (-2), Колумбија 1102 (+13), Грција 1029 (+1) итн.
|
|