Сега и Димишовски отиде на одмор

Државниот секретар исчезна по критиките на сметка на премиерот

Соња Крамарска

Скандалозни податоци се обелоденија по изјавата на државниот секретар во Секретаријатот за евроинтеграции, Перо Димшоски, во која тој директно го прозва премиерот Никола Груевски, обвинувајќи го меѓу редови за незаинтересираност за приклучување на Македонија кон ЕУ.

За Димшоски дури сега се обелоденуваат детали дека воопшто не бил вработен во Секретаријатот за евроинтеграции, туку бил ангажиран со договор за дело, истовремено беше на функцијата вршител на должноста државен секретар и привремен раководител на Секретаријатот по оставката на вицепремиерот Ивица Боцевски. Како вработен со договор за дело, Димшоски немал право да потпишува никакви документи.

Од друга страна, вицепремиерот Ивица Боцевски заминал за САД во почетокот на јуни од каде што се вратил на работа околу 15 јуни кога ја предал оставката и повторно исчезнал, овој пат на годишен одмор. Со тоа практично повеќе од еден месец владиниот сектор за евроинтеграции каде што се наоѓа моторот на приближувањето на земјава кон ЕУ воопшто не функционирал, и тоа во период кога Европската комисија ги прави финалните согледувања за Македонија пред објавувањето на есенскиот извештај.

Дознаваме дека од Перо Димшоски уште завчера по објавувањето на неговата изјава, која а насочена против премиерот, било побарано објаснување од страна на луѓе од опкружувањето на Груевски. Тој бил повикан на разговор за разјаснување на мотивите за неговите оцени, но неговиот одговор бил дека не бил разбран правилно од медиумите. Димшоски предложил да даде дообјаснување во јавноста но му било оставено самиот да реши како ќе се вади од кашата. По тој разговор, Димшоски ненадејно заминал на годишен одмор. Така, до официјалниот избор на новиот вицепремиер Васко Наумовски, што треба да биде направен во парламентот, Секретаријатот за евроинтеграции останува обезглавен.

Во „инкриминираната“ изјава дадена завчера за Радио Слободна Европа, Димшоски рече дека ако влегувањето на Македонија во Европа е приоритет на премиерот, тој така треба и да ја постави работата на Владата во овој период. Димшоски цинично праша дали приоритет на Македонија е членството во ЕУ и предупреди дека во следните два месеца треба да се донесат четири приоритетни закони за усогласување на македонското со европското законодавство.

„Тоа се законите за државната администрација, за внатрешни работи, за финансирање на политичките партии и за Собранието“, рече Димшоски. Доколку не се направи тоа, според него, Македонија ја губи шансата за позитивен извештај за датум за преговори за членство наесен.

За крај, Димшоски го даде шлагот на изјавата, ставајќи се отворено во одбрана на доскорешниот вицепремиер Ивица Боцевски, велејќи дека тој заминал затоа што „направил колку што можел да направи“ и „колку што му беше дадено да сработи“.

Изјавата на Димшоски веднаш предизвика големи реакции во политичките кругови, бидејќи се' уште не беа смирени духовите по оставката на Боцевски, а излезе дека во Секретаријатот за евроинтеграции се шири бунтот против нешто или против некого за што се' уште никој не сака отворено да проговори. Аудиоснимките од изјавата на Димшоски кои беа емитувани на телевизиите без друго го покажаа фактот дека тој ниту бил погрешно цитиран ниту, пак, се работи за погрешна интерпретација на кажаното.

Димшоски, инаку, е поранешен заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. По вонредните избори минатата година, бил прекомандуван во Секретаријатот за евроинтеграции. Докторирал на молекуларна генетика во Охајо, САД, каде што живеел со сопругата и со ќерката. Извори од Владата сега шпекулираат дека неговиот напад врз Груевски, наводно, се должел на фактот што му биле изневерени очекувањата тој да го наследи Боцевски на вицепремиерското место.

Евроамбасадорот Ерван Фуере вчера уште еднаш предупреди дека „Македонија нема време за губење во исполнувањето на реформите на патот кон ЕУ“. „Секој ден без прогрес е уште еден изгубен ден“, рече Фуере, апелирајќи до Владата да ги удвои. Прашан да ја коментира изјавата на државниот секретар Перо Димшоски, Фуере рече оти тој не се сомнева во добрите намери на Димшоски.