Љупчо се враќа со слоганот од ’98

Под мотото „Промени за“, Народна ќе ја пренесува
својата политичка порака низ државата

Александра М. Митевска


Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, кој сега е почесен претседател на ВМРО-НП, ќе се врати во центарот на политичките збиднувања на следните парламентарни избори што ќе се одржат до средината на 2012 година. Од ВМРО-НП вчера ни потврдија дека веќе се утврдени двајца носители на кандидатските листи на партијата на наредните избори. Покрај Георгиевски, извесно е дека носител на листа ќе биде и партискиот претседател Марјан Додовски, кој појаснува дека во партијата дополнително ќе се договорат другите носители и кој во која изборна единица ќе настапува.

Георгиевски во изминатите пет-шест години се држеше понастрана од дневно-политичките збиднувања. Сепак, како претседател на фондацијата што го носи неговото име, одвреме-навреме, се појавува во јавноста со свои ставови за клучни политички збиднувања, како прославата на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, лустрацијата... Тој последен пат директно учествуваше во изборна трка во 2006 година, како носител на листата на ВМРО-НП во Петтата изборна единица.

ВМРО-НП синоќа во Тетово ја почна новата партиска кампања што ќе трае до распишувањето на изборите. Целта, како што објаснува Додовски, е да се пренесе политичката порака на ВМРО-НП дека се потребни „Промени за“, поточно промени за враќање на надежта и достоинството и за отворање на иднината.

Во случајов станува збор за инверзија на зборовите од слоганот „За промени“, со кој ВМРО-ДПМНЕ ги доби изборите во 1998, кога Георгиевски стана премиер. „Нашата политичка опција, во изминатите две децении, помина низ неколку циклуси кои ги донесоа промените во општеството. Во 1990 година се промени системот, во 1998 година се случи промената на власта и новата Влада ги направи најкрупните реформи досега, во 2002 година ја изгубивме власта, а сега истекува осумгодишниот циклус по кој повторно се неопходни промени“, ја објаснува Додовски филозофијата на старо-новото мото.

Тој открива дека политичката порака на ВМРО-НП, што беше усвоена на седница на Централниот комитет на партијата, се базира на три столба: - стабилна и силна држава, иднина во евроатлантските интеграции, просперитет и благосостојба за секој граѓанин.

„Ќе ги обиколиме сите општини во Македонија и секаде ќе ја промовираме нашата порака. Во секоја општина ќе понудиме наша визија за надминување на најгорчливите проблеми на тамошните жители“, вели претседателот на Народна. Неговата партија вчера во Тетово го промовираше предлогот за нова територијална организација на оваа општина.

Иако во последно време се реактуелизира идејата за обединување на помалите партии на десницата контра владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Додовски вели дека е речиси извесно дека ВМРО-НП ќе настапи самостојно на следните избори.

Наспроти информациите дека имало нова средба меѓу Георгиевски и Филип Петровски, во насока на изборно коалицирање на новата демохристијанска партија со ВМРО-НП и со Здружението „Достоинство“, Додовски вели дека „во муабетите за обединување на десницата има само 0,1 процент реалност“. Според него, ВМРО-НП најверојатно ќе има соло-настап, како што настапуваше и на изборите во 2005, 2006 и 2009 година.


#