Грција не' обвини за Советот на Европа

Милошоски одговора дека реакциите од Атина биле очекувани

Грција бурно реaгираше на информацијата дека македонското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ) нема да биде под референцата поранешна југословенска Република Македонија, туку ќе биде именувано како „македонско претседателство 2010“. Според грчкото министерство за надворешни работи, цел на нашата земја е да ја злоупотреби улогата како претседавач за да ги промовира своите позиции за прашањето за името, како што направи и за време на претседавањето со Генералното собрание на ОН.

За Атина ова е провокација и план на Скопје да ја промени содржината на Резолуција (95) 23 со која нашата земја се именува како ПЈРМ за сите употреби во Советот на Европа и „уште еднаш го отежнува преговарачкиот процес под раководство на ОН и ги одбива иницијативите на Грција за создавање позитивна клима меѓу двете држави за да се олесни преговарачкиот процес“, се наведува во писмената реакција на грчкото МНР. Грција најави дека ќе ги преземе сите неопходни чекори за почитување на Резолуцијата на СЕ.

Тие нагласуваат дека Грција продолжува со подготвеноста да се продолжат преговорите со цел да се најде решение за името. „Чекаме Владата на ПЈРМ да го направи следниот чекор што е потребен да се најде заеднички прифатливо решение во преговорите под раководство на ОН“, нагласи портпаролот Григорис Делавекурас во официјалното соопштение на грчкото МНР.

На коментарот на грчкото МНР вчера одговори македонскиот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски велејќи дека Македонија очекувала ваква реакции и манипулации, но пораката до Атина е дека треба заеднички да настапиме, да се координираме и да видиме што по однос на содржината може да придонесеме, како две членки, за развојот и за влегувањето во трета реформска ера на СЕ.

„Советот на Европа е паневропска институција на слободата на човековите права во согласност со Судот за човекови права и во тој контекст е соодветно една земја-членка да претседава на достоинствен начин, што е прагматичен и не значи туѓо загрозување и е во согласност со веќе воспоставената практика и употребување на терминот ’македонски‘ во повеќе тела и институции на организацијата“, рече Милошоски по церемонијата на положувањето камен-темелник на новата зград на македонското МНР.

На прашањето дали реакцијата на Грција на придавката македонско, всушност, е реакција на македонскиот идентитет, а не име, Милошоски изјави дека придавката македонски е идентитетски код на Македонија, на нашата култура и традиција, дел од нашето наследство и современост.

„За жал, Грција со спротивставувањето на насловот што ние го цениме како прагматичен за претседавањето покажува дека нивните притисоци не завршуваат само во однос на уставното име, туку одат и натаму и навлегуваат во забранетата зона на индивидуални и национални права на самоопределување и национален идентитет“, изјави тој. Милошоски информираше дека од посредникот Метју Нимиц се' уште нема датум за нова средба. (Т.Г.-М.П.)


#