21.10.2012, 15:25

Петиција против зонското паркирање

На социјалните мрежи се појави петиција со која се бара укинување на зонскиот систем на паркирање. Со петицијата „Потпиши се за укинување на зонското паркирање“, иницијаторите ги повикуваат скопјани да го дадат својот глас за да се укине зонското паркирање кое зема се' поголем замав не само во централното градско подрачје, туку веќе почна да се применува и низ населбите, со што, како што се вели во некои коментари, одредени институции ги злоупотребуваат и рекетираат граѓаните.

„Проектот ја изгуби својата смисла. Тој требаше да овозможи во строгиот центар да има постојано слободен паркинг за краток престој додека да се заврши неопходната работа и потоа местото да се отстапи на друго возило. Но, денес зонско паркирање има буквално на секоја улица и тротоар“, „Ова е класичен пример за рекет од институции, ова е смислено само за полнење нечии приватни џебови. Земјиштето е на граѓаните“, „Не можеме веќе да си ги посетиме пријателите и роднините, бидејќи еден час може да не' чини и 45 денари. Ова мора да прекине“, се дел од коментарите на оние што ја поддржуваат иницијативата.

Петицијата која се шири на социјалните мрежи ќе биде поднесена до Советот на Град Скопје. Иницијаторите очекуваат дека на тој начин по правен пат ќе се укине зонското паркирање како штетна мерка за граѓаните. (С.Р.)