Штрајк во грчка конфекција во Кавадарци

Кавадарци - Над 200 конфекционерки од грчката текстилна фабрика „Вебер-текс“ во Кавадарци вчера излегоа на протест во кругот на фабриката, бидејќи неколку месеци не им биле исплатени платите и придонесите. Конфекционерките обвинија дека грчкиот газда со комбе полно со стока налетал на нив додека тие го блокирале плашејќи се дека нема да им плати ако ја однесе стоката.

„Ме удри со ретровизорот, секунда беше во прашање. Да не се тргневме, ќе имаше поголем инцидент. Со возилото го скина катанецот што го ставивме“, рече една од конфекционерките, која подоцна заврши на Нервното одделение во кавадаречката болница.

И останатите рекоа дека биле неколку месеци под стрес и седативи оти работеле за без пари. Се жалеа дека неисплатените плати им создавале секојдневни проблеми оти не можеле да си ги платат сметките за струја, вода, телефон, а немале и со што да се прехранат.

Градоначалникот Александар Панов, кој ги посети конфекционерките и разговараше со газдата, им вети дека ќе посредува со ЕВН околу можноста за разбирање и неисклучување на снабдувањето со струја се' додека да има биле исплатени парите. Газдата се согласил овие денови да им ги исплати платите за февруари и за март, но конфекционерките бараат исплата на целиот заостанат долг и покривање на придонесите. (А.Д.)


#