Кој дели најжешки дивиденди?
Најголем број компании исплатуваат само 30 отсто од добивката како дивиденда, а „Телеком“ дури 90 отсто
Соња Маџовска
Мал е бројот на компаниите во земјава што делат дивиденда. Во принцип, дивидендите во услови на неликвидноста на пазарот се многу значајни за инвеститорите при донесувањето одлука каде да ги вложат своите пари, велат берзанските аналитичари. Дел од нив, пак, имаат спротивен став и сметаат дека дивидендата игра многу мала улога во раздвижувањето на пазарот на капитал. Според аналитичарите, тоа се потврдува и со податокот што во периодот од објавувањето дека одредена компанијата ќе подели дивиденда, па се' до последниот ден на тргување со право на дивиденда, немало поголем интерес за таа акција.
Најголем дел од компаниите се решаваат 30-40 отсто од профитот да го исплатат за дивиденда, а останатиот дел да го инвестираат во развој на компанијата.
За разлика од нив, „Телеком“ дури 90 отсто од добивката ја исплатува како дивиденда. „Македонски телеком“ на акционерите годинава им подели дивиденда остварена од ланскиот приход на компанијата во бруто-износ од 105,2 милиона евра, или 60 денари по акција. Убав дел од колачот зема и државата, која поседува 34,81 процент од акциите во „Телеком“, па таа од вкупниот бруто-износ доби околу 41 милион евра.
„Оние компании што имаат политика на исплата на дивиденда се поатрактивни за инвеститорите, отколку оние што не делат. ’Телеком‘ е компанија што дели најголема дивиденда, или таа како дивиденда исплатува над 90 отсто од вкупната добивка што компанијата ја остварила претходната година. Банките најчесто делат од 30 до 40 отсто од добивката како дивиденда, а останатиот дел го инвестираат во развој на банката, односно за докапитализација. Голем дел од компаниите не делат дивиденда, оти така решава нивниот доминантен сопственик, бидејќи таа компанија не ја доживува акцијата како параметар на успешност. Оваа година во Македонија дивидендниот принос на акциите се движеше во просек од шест до седум отсто“, вели Горан Марковски од „КБ публикум инвест“.
Други, пак, сметаат дека инвеститорите не се водат од дивидендата што ја исплатуваат компаниите, туку поголема предност и' се дава на капиталната добивка. „Периодот на исплата на дивиденда, а тоа е април-јуни, е карактеристичен по тоа што се забележува поголема ликвидност кај оние друштва што исплатуваат дивиденда. Најчесто тоа е период и кога доаѓа до раздвижување на цената на акциите, односно поради зголемениот интерес за купување акции доаѓа до пораст на цената. Доколку инвеститорот сака да го реинвестира износот од дивидендата во купување акции, тоа повторно има позитивно влијание врз тргувањето“, велат од Македонска берза.
„Алкалоид“, Комерцијална банка, Стопанска банка Битола, „Гранит“, „Топлификација“, „Скопски пазар“, „Фершпед“, „Реплек“, „Македонија турист“, се дел од компаниите кои котираат на официјалниот пазар на Берзата и годинава исплатија дивиденда. „Алкалоид“, на пример, годинава реши да исплати 38,7 отсто од ланската добивка како дивиденда, а таа изнесуваше 150 денари по акција, или 3,9 отсто е приносот од дивидендата во однос на цената на акцијата, која во моментот на исплата ја имала, а таа била 3.900 денари за акција. Комерцијална банка исплатила 31,8 отсто од добивката како дивиденда или 170 денари по акција, а приносот од дивидендата бил 5,5 отсто од цената на акцијата, која изнесувала 3.106 денари на денот на исплатата. Стопанска банка Битола, пак, поделила дури 85,1 отсто од ланската добивка како дивиденда, или 180 денари по акција, а приносот бил 7,1 отсто од цената на акцијата на берза, која изнесувала 2.550 денари. „Македонија турист“ исплатила 39 отсто од добивката на име дивиденда, или 176 денари по акција, што е седум отсто од цената на акцијата, која изнесувала 2.522 денари. „Фершпед“ поделила 19,4 отсто од добивката, но секој акционер доби по 1.680 денари по акција, што е 3,7 отсто дивиденден принос. НЛБ Тутунска банка, пак, котира на редовниот пазар и нејзините акционери имаа десет отсто дивиденден принос на акциите.
Инаку, пред извесно време Управата за јавни приходи донесе одлука да не се оданочува износот на делот од добивката што фирмите го распределуваат за исплата на дивиденди кон правни лица и резиденти на државата. Ова, сепак, не важи и за физички лица. Оданочување и натаму има на распределената добивка во вид дивиденда што се врши кон физички лица и кон нерезидентни правни субјекти.
|