Трифун Костовски нов претседател на црвено-црните

Претпријатието „Гофи“ ДООЕЛ од Скопје стана доминантен сопственик во Вардар

Емил Китановски

Познатиот бизнисмен и актуелен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски е новиот претседател на најтрофејниот фудбалски клуб во земјава, скопски Вардар. Вака завчера реши Собранието на овој фудбалски колектив кое се одржа во просториите на ЕУРОСТАНДАРД банка во Скопје. Костовски на новата функција е избран со акламација на 29-те делегати на Собранието на Вардар, и сега му претстои сериозна работа да го консолидира најпопуларниот фудбалски бренд во земјава, кој во последниве две години речиси постојано се соочуваше со сериозни финансиски проблеми.

„Ова е остварување на мојот и сонот на мојот татко. Со оваа мисла се водев во изминатите години, и еве судбината сакаше да ми се оствари желбата. Најпрво, голема чест и пред се задоволство е да се биде прв човек на нашиот најпознат фудбалски колектив. Мислам дека ќе ни претстои тешка и макотрпна работа која се надевам дека ќе успееме успешно да ја завршиме само ако сме единствени, неподелени и ако сите заедно учествуваме во обновата и реинкарнацијата на Вардар. Ќе работите на долги патеки, ќе се сочиме со многу проблеми, а во целата оваа работа ќе треба да ни се вклопат и некои други моменти. Сепак, најважно од се е да му го вратиме стариот сјај на Вардар, да го вратиме клубот на старите патеки на славата и Вардар повторно да стане најпознатиот фудбалски бренд кој постојано ќе учествува и успешно ќе не презентира во европските фудбалски купови. Можам да ветам дека како и досега ќе работите отворено, транспарентно и во интерес на огромната армија на навивачи на Вардар. Аплаузот кој го добив ми годи, меѓутоа тој претставува и голема обврска за успешна и брза санација на клубот“, истакна новиот претседател на црвено-црните.

Инаку, на изборот на новиот претседател му претходеше мирно и конструктивно Собрание на кое присуствуваа сите 29 делегати со право на глас на овој собир. Под диригентската палка на сега веќе поранешниот в.д. претседател Ванчо Шехтански беше прифатен предлогот Собранието на Вардар да добие нов колективен член - Друштвото за трговија и производство „Гофи“ ДООЕЛ од Скопје, кое инаку е во сопственост на семејството Костовски.

Собранието ги прифати и сите измени и дополнувања на Статутот на Вардар, па сега нов доминантен сопственик во структурата на овој тим е токму претпријатието „Гофи“ ДООЕЛ од Скопје, кое во новото Собрание ќе има сопственост од 51 процент и 15 делегати во новиот состав на Собранието. Во оваа структура уште ќе останат и Здружението на граѓани за спас на Вардар (со седум делегати на Собранието) и претпријатието „Мода енд спорт“ од Скопје чиј сопственик е Јордан Камчев која во новиот состав на Собранието ќе има седум делегати.

Последните случувања во Вардар за среќа добија позитивна разврска. Имено, во следниот период со клубот ќе раководи семејството Костовски кое и досега бележеше одлични резултати во предводењето и раководењето со неколку реномирани спортски колективи односно клубови во земјава. Влегувањето во Вардар, според зборовите на потпретседателот Коста Костовски ќе значи комплетно повлекување на фирмата Кометал од спонзорството во актуелниот шампион на Македонија, тимот на Работнички. Сепак, поради одличната повеќегодишна соработка со клубот, овој стопански субјект ќе остане и ќе го поддржи тимот на „романтичарите“ и во рамките на натпреварите од квалификациите на годинашното издание на ЛШ. „Максимално ќе го поддржиме новиот поход на Работнички на европската фудбалска сцена. Значи му посакуваме на тимот успешна европска епизода, со надеж дека и по нашето заминување тој ќе остане во стабилни финансиски раце, за што интерес пројави адвокатската канцеларија Поповски. Ние пак започнуваме од нула во Вардар. Ја имаме под лупа комплетната ситуација и финансиска состојба во Вардар, и веќе од денеска ќе започнат поединечните разговори со сите оние за кои сметаме дека треба да останат во клубот. Под „сите оние“, подразбирам фудбалерите кои ги затекнавме во клубот, потоа дел од вработените во некогашната Работна заедница, како и тренерите кои работат со првиот тим и во младинската конкуренција на Вардар“, ни изјави Коста Костовски.

Саше Милошевски уште денеска ќе започне да ја извршува функцијата спортски директор во Вардар, а на новата адреса ќе се преселат и поголемиот дел од најблиските соработници на Костовски. На дел од казнетите фудбалери ќе им биде симната суспензијата изречена од сега веќе поранешното раководство, само, како што истакна Коста Костовски, доколку тие јавно се извинат за прекршувањето на клупската дисциплина. Добар дел од поранешните професионалци на Вардар ќе добијат исписница, и ќе можат да си побараат нова средина, а екипата како што неофицијално дознаваме ќе биде пополнета и со дел од фудбалерите кои настапуваат во редовите на актуелниот шампион на Македонија, се разбира по завршувањето на европската епизода на Работнички во ЛШ.

Помладиот Костовски ни откри дека се водат интензивни разговори околу ангажирањето на нов тренер во Вардар, и потврди дека утрешното заминување со Ндерим Неџипи за Белгија, каде што овој фудбалер ќе потпише професионален договор со белгискиот Лирс, ќе го искористи за да се види со некогашниот вардарец Чеде Јаневски, кого ќе се обиде да го убеди да се врати во Скопје, и да ја преземе тренерската палка во Вардар.

„На Чеде Јаневски можеме да му понудиме коректен договор, кој се движи во рамките на нашите објективни можности. Не велам дека тоа е идеална понуда за него, меѓутоа е многу примамлива и коректна. Слушнав дека до него пристигнала некоја одлична понуда од странство, меѓутоа утре ќе дознаам какви се нашите шанси Јаневски да го вратиме во клубот од кој поникна“, заклучи Костовски. Според неговите зборови, Вардар ќе добие нов тренер најдоцна за десет дена.