Сончање на албански песок покрај Вардар

В недела се отвора првата градска плажа зад Луна-паркот, која ќе работи до 31 август

В недела со целодневна журка се отвора првата градска плажа на кејот на Вардар. На морски песок, меѓу четири шанка на познатите скопски кафулиња „Тренд“, „Змија“, „Кала“ и „Колосеум“, скопјани ќе можат да уживаат, да се рекреираат, да се сончаат, но не и да се бањаат.

„Вардар можеби е почист од повеќето реки во Европа што имаат плажа, но, сепак, капењето е забрането“, информираше вчера градоначалникот Коце Трајановски, најавувајќи го својот проект за кој од градската каса се потрошени 100.000 евра.

Под мотото „На чекор од тебе“, првата градска плажа, која е лоцирана зад Луна-паркот, ќе работи до 31 август кога ќе се затвори сезоната и ќе има тематски забави со познати диџеи. Журките, во организацијата на Здружението на кафулињата, кои годинава се концесионери, ќе траат и до полноќ. На скопјани бесплатно ќе им бидат на располагање 80 лежалки. Тие ќе можат да си понесат храна и пијалаци, а кој сака може да седне и на масите од кафулињата. Наместо бањање, освежување од жештините ќе нудат двата туша.

Покрај за забавата, Здружението ќе се грижи и за одржување на чистотата на плажата, како и за обезбедување на урбаната опрема. Тие годинава ја добиваат плажата без надомест за концесијата, заради, како што рече Трајановски, разработување на местото.

„Од недела на скопјани им се враќа првата плажа на површина од 1.775 квадратни метри. Ќе биде уредена во модерен стил, покрај кејот, ќе има 10 палми во саксии, а песокот ќе се набави од Албанија или од Грција“, рече Трајановски, притоа не објаснувајќи ги шпекулациите дека е можно да се сончаме на шпански песок. Во иднина, најавија градските власти, плажата ќе се надополни и со терени за спортски активности. (С.Н.)


#