И „Тодор Александров“ против лидерот на СДСМ
За овој институт со контровeрзно име првпат слушнавме во неделата. Не се знае кој е основач и кој го води
Оливера Војновска
Само неколку часа пред почетокот на митингот на опозицијата во Штип, од каде што се очекуваше да биде побарано распуштање на Собранието и вонредни парламентарни избори, во јавноста беше пласирана анкета, според која, 72 процента од граѓаните на Македонија сметаат дека лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, не заслужува да биде реизбран за премиер. Резултатите од сондажата уште покажуваат дека 43 отсто од испитаниците се на мислење дека СДСМ не се реформирал со враќањето на Црвенковски и со вклучувањето на Гордан Георгиев, Зоран Јовановски и Стевчо Јакимовски во раководството на партијата.
Самиот тајминг во кој се пласираат ваквите податоци изгледа некако симптоматично. Има мала веројатност дека може да се работи за чиста коинциденција. Интересен момент е и тоа што анкетата е своевидна промоција на Институтот „Тодор Александров“. За овој новоформиран институт со име на контроверзна историска личност првпат слушнавме во неделата. Тој е целосно непознат во јавноста и воопшто не се знае кој е основач и кој го води.
Соопштението со резултатите од анкетата што го добија медиумите е испратено од и-мејл адреса [email protected] , но не се знае кој го праќа, бидејќи стои само „со почит, Институт ’Тодор Александров’“. Владејачката партија отфрли каква било поврзаност со него.
Испитувањето го спровела познатата агенција „Брима галуп“, и во теренското истражување што започнало на крајот на септември биле опфатени 1.004 испитаници. Директорот на „Брима галуп“, Ѓорѓи Кимов, вели дека анкетата ја направиле во „рамките на стандардната процедура на работење“. „Тоа е новоформиран Институт, потпишавме договор и го направивме истражувањето. Тука нема ништо чудно. И зошто би не' интересирало кој е основач и кој стои зад него. Тоа не е наша работа“, револтирано ни рече Кимов во телефонскиот разговор.
Самата анкета е прилично скромна и има само четири прашања. Две за СДСМ - односно за Црвенковски, и две се поврзани за нашата интеграција во ЕУ и во НАТО ставена во контекст со евентуален референдум за промена на името на државата. Инаку, истражувањето покажало дека 63 проценти од испитаниците не би поддржале референдум за промена на уставното име, со цел државата да стане членка на НАТО и на ЕУ. А 51 отсто од граѓаните се изјасниле против промена на името, со цел Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ, дури и ако одреден предлог биде поддржан од сите парламентарни партии.
Директорот на Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов, многупати досега јавно предупредувал дека македонката историја мора да ги расчисти контроверзиите околу личноста на Александров. Според него, основната линија по која се движел Алекснадров низ историјата би требало да опфати дека: „тој е Македонец, бил на чело на ВМРО, убиен е тогаш и тогаш, се борел за самостојна Македонија, меѓутоа, не со Македонци. За жал, тој човек зел туѓа национална свест - бугарска и сметал дека во земјава живеат македонски Бугари“.
Инаку, случајот со ненадејното појавување на Институтот „Тодор Алекснадров“ не е осамен пример. Во почетокот на февруари оваа година се промовираше Институтот „Димитрија Чупоски“, кој се поврзува со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Појавата на овој институт се совпадна со промоцијата на проектот „Скопје 2014“, кој наиде на жестоки критики од опозицијата. |