Или ратите навреме или отиде имотот

Дури 270 милиони евра од вкупниот број кредити се ненаплатливи, па банките го продаваат имотот ставен
под хипотека

Соња Маџовска


Банките многу тешко одобруваат нови кредити, но кога е во прашање наплатата на старите заеми се бескрупулозни. Весниците се полни со огласи за продажба на станови, куќи, земјиште, деловни објекти, машини, опрема, дел продаваат банките, дел извршителите.

Од вкупно одобрени 2,9 милијарди евра кредити, според Народна банка на Македонија, сомнителните и спорните побарувања зафаќаат 9,1 отсто. Тоа значи 270 милиони евра. Тоа се пари кои банките не можат да си ги наплатат од граѓаните и од фирмите. За дел од нив, во случај кога клиентот сака, банкарите велат дека бараат можности како да го надминат проблемот и тоа најчесто го решаваат со репрограмирање на долгот, што подразбира намалување на ратата, а зголемување на годините на отплата. Но, во случај кога нема договор меѓу банката и клиентот, имотот даден под хипотека оди на продажба. Најчесто три неплатени рати се толерираат, или 90 дена, а потоа нема милост.

Изминатиот викенд НЛБ Тутунска банка објави оглас за продажба на недвижен имот, запленет поради неплаќање. Се продаваат земјиште, деловен простор, куќи, станови, локали. На пример, куќа во Куманово од 352 квадратни метри се продава по почетна цена од 89.000 евра. Или куќа во Скопје од 148 квадратни метри по цена од 66.000 евра. Становите се поевтини, за 83 квадратни метри цената е 49.000 евра. Оваа банка продава имот запленет од извршител и на ова листа има и машини, како што се виљушкари, комори за ладење и друга опрема, но и деловен простор, згради, куќи во Скопје, Ресен, Велес, во Струмица.

„Како последица на економската криза во последнава една и пол година има мало зголемување на достасаните ненаплатени побарувања. Но, тоа не го гледаме како проблем, бидејќи секогаш прво бараме начини заедно со клиентите како може да се намират долговите“, вели Антонио Аргир од НЛБ Тутунска банка.

Не само банките, туку и извршителите имаат полни раце работа. „Се' повеќе барања имаме од банките за присилно извршување“, велат тие. Извршителите деновиве имаа огласи во весниците за продажба на опрема, голем број машини, во случај каде што како доверител се јавува Стопанска банка. И од оваа банка велат дека прво сакаат да помогнат, па дури потоа се активира хипотеката. „Стопанска банка ги следи законските регулативи за справување со нефункционалните кредити, меѓутоа, пред се', гледаме да им помогнеме на клиентите доколку е потребно да се реструктуира долгот што го имаат и на тој начин кредитот да остане функционален, а на клиентите да не им претставува товар врз семејниот буџет. За банките е подобро кредитите да останат функционални, отколку тие да се доведат до извршители и до активирање на хипотеки“, велат од Стопанска банка.

Факт е дека граѓаните и фирмите се' повеќе ја губат кредитоспособноста и се' потешко ги плаќаат ратите за кредит. Оваа година особено е изразена немоќта за редовно враќање на заемите, поради што имотот ставен под хипотека многу лесно преминува во рацете на банките. Од невраќањето на кредитите банките не губат ништо, затоа што кредитите што ги одобруваат секогаш се добро обезбедени. Вредноста на хипотеките што ги прифаќаат е најмалку два пати, но најчесто и три пати поголема од вредноста на одобрениот кредит.

Банкарите велат дека е опасно ако продолжи трендот се' потешко да се наплатуваат старите кредити. Тоа, всушност, е и главната причина поради која банките се многу строги во одобрувањето на новите заеми.

„Имајќи ја предвид економската ситуација во 2009 година, па и во првата половина на 2010 година, дел од малите и од средните претпријатија, кои се наши кредитни клиенти, ги почувствуваа ефектите од кризата, што се рефлектира и во доцнењето на отплатата на кредитите. Ние настојувавме во таков случај да имаме проактивен пристап, што подразбира разговор со клиентите за наоѓање можност за надминување на овие проблеми преку репрограмирање на кредитите. Наша цел не е да го земеме имотот, кој е под хипотека и банката да ги покрие своите трошоци, напротив, настојуваме заедно со компанијата да го надминеме овој период. Само во случај кога нема никаква волја за соработка од страна на клиентот, каде ни реструктурирањето не може да помогне, се одлучуваме на присилна наплата“, велат од Прокредит банка.

Од оваа банка објаснуваат дека заклучно со декември бројот на кредити во доцнење над 90 дена кај нив изнесувал 1,55 отсто, додека просекот на банкарскиот сектор изнесува 9,10 проценти. Од банките велат дека кризата несомнено се одрази на способноста на клиентите за редовно сервисирање на обврските. А тоа, пред се', се однесува на клиенти кои дејствуваат во индустриите што се најпогодени - рударството, металопреработувачка и во текстилната. Подобрување на оваа ситуација се очекува со закрепнувањето на економските услови на домашно и на глобално ниво. (С.М.)


#