16.08.2012, 18:17

Жан Митрев удри темели на новата болница?

Пред неколку месеци биле поставени темели на болницата, без да се обелодени во јавноста

Јасмина Јовановска



Дали, конечно, почна да се гради долгонајавуваната нова болница на д-р Жан Митрев, која треба да биде сместена во паркот на бившата Воена болница? Ваквото прашање се наметнува откако, како што дознаваме, молчешкум биле поставени темели на болницата, и тоа уште пред неколку месеци. Но, градежните работи не се одвиваат со вообичаено темпо за голем градежен објект. И снимката од теренот на локацијата каде што треба да се подигне новата болница не покажува некоја поголема раздвиженост на градежна механизација.

Од управата на болницата „Филип Втори“ не сакаат да откријат дали воопшто е стартувано со изградба на новиот објект, зошто темелите на новата болница се удрени далеку од очите на јавноста, ниту, пак, дали и колку се работи на нејзината изградба. Од таму не ни дадоа одговор ни колку е сериозно почнато со изградба, или темелите се само шминка дека се работи на болницата, посебно што за секој градежен објект има рокови за реализација.

Неофицијални извори велат дека за новата болница на д-р Митрев се бара кофинансиер, а во игра се ставаат и некои американски фирми. Но, ни д-р Митрев ни од „Филип Втори“ не не' удостоија со објаснување на овие прашања.

Новата болница на д-р Митрев беше најавена уште пред пет години. Маркичка за изградба Општина Карпош и' додели во 2009 година, кога и болницата ја внесе во урбанистичкиот план како здравствен објект. Во 2010 година, д-р Митрев од Министерството за транспорт и врски на јавно наддавање купи 8.400 квадратни метри државно земјиште во дворот на Воената болница. За него плати 1,7 милиони евра. Лани, на 11-годишнината од постоењето на „Филип Втори“, д-р Митрев и официјално го најави почетокот на изградбата на новата болница.

За три години, како што тогаш рече тој, Македонија ќе добие нова болница „Филип Втори“ од светски ранг. Болницата ќе се простира на 20.000 квадратни метри, ќе располага со 9 операциски сали и 200 болнички кревети. Болницата ќе биде комплекс од два објекта и ќе се состои од приземје и четири ката. Болницата, појасни тогаш д-р Митрев, ќе биде целосно македонска инвестиција.

Тој уште најави дека веќе потпишал договор за соработка со голем концерн, кој менаџира повеќе од 60 болници во Германија и четири универзитетски центри, со што ќе се создадел европски кадар за потребите на новата болница.

„Секоја година во наредните пет години 10-ина најдобри студенти од штипскиот универзитет ’Гоце Делчев‘ ќе заминат на петгодишна специјализација во Германија. По нивното враќање во Македонија, следува вработување во ПЗУ ’Филип Втори‘“, изјави лани Митрев.