Македонец херој во Бугарија
Васко Ристески, 38-годишен Македонец, возач на камион, кој спаси петмина Бугари повредени во стравотна автомобилска несреќа во средата, ќе биде награден со бугарско државјанство.
Автобус што се движел од главниот град Софија кон црноморскиот град Бургас се превртел на автопатот Тракија, во близина на Пловдив, втор по големина град, во средата во раните утрински часови, при што загинаа осум лица, а 20 беа повредени.
Ристески, по игра на случајноста, возел во близина и веднаш реагирал, помагајќи им на пет лица да излезат од уништеното возило. Зборувајќи пред бугарските медиуми, Македонецот обелодени дека често патувал во земјата и веќе три години чека за добивање бугарско државјанство.
Премиерот Бојко Борисов и градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, ветија дека ќе му помогнат на Ристески да добие бугарски пасош во најкус можен рок. Македонецот, исто така, е награден и со бесплатно летување во Бургас, заедно со семејството, како подарок од градоначалникот . (Н.Р.) |