30.12.2011, 13:02 Струјата поскапува за 7,82, а парното за 10,73 и 10,87 проценти
Средната цена на електричната енергија, според донесената одлука, ќе изнесува 4,3074 денари за кwh.
Струјата од 1 јануари поскапува за 7,82 отсто, а парното 10,73 и 10,87 проценти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Средната цена на електричната енергија, според донесената одлука, ќе изнесува 4,3074 денари за кwh.
Оперативните трошоци за енергетските компании се на ниво на минатогодишните, а предложените зголемувања на цените се должат на измените на Законот за енергетика со кој сега мрежните оператори на отворен пазар сами си ја купуваат енергијата. Досега тоа за нив го правеше ЕЛЕМ по регулирана цена.
Овластен да го набави недостигот на електрична енергија за наредната година е ЕЛЕМ, иако правото и беше дадено на ЕВН Македонија која соопшти дека не е подготвена за обврската. ТЕЦ Неготино и натаму останува ладна резерва.
Според одлуката за зголемување на цената на парното, зголемувањето од 10,73 проценти е за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од топланите Исток, Запад и Центар и 10,87 за топланата Север. Цената за парното греење од ЕЛЕМ енергетика останува непроменета.
Зголемувањето на цената се должи на зголемената цена на природниот гас за 19,6 отсто во последниве месеци и на намалената потрошувачка. Со последната корекција на цената во ноември годинава беше земено предвид зголемувањето на цената на гасот од само 8,5 отсто.
Наредната контрола на цената за парното греење ќе биде во јуни следната година. Регулаторот на топланите им признава 12 процентни загуби и маржа од 4 отсто.
Регулаторите денеска донесоа одлука со која се зголемува цената за пренос на природниот гас за 7,48 проценти, а има намалување на дистрибуцијата на природен гас и снабдување на ТИРЗ од 8,96 проценти. Снабдувањето со гас за Мапетро пром-гас продолжува досегашната тарифа.
Последен пат електричната енергија поскапи на 1 јануари годинава за 5,98 отсто, а последната корекција на цената на топлинска енергија во Скопје беше во ноември годинава кога имаше поскапување од 8,7 отсто за топланите Исток, Запад и Центар и 9 отсто за топланата Север.
|
|