Протестот ја расони власта
ВМРО-ДПМНЕ ги преброи и митингарите и своите коалициски партнери
Александра М. Митевска
Обидот да му се подигне моралот на сдсмовското членство можеби навистина беше основната причина од која опозицијата реши да излезе пред Владата. Сепак, опозиционерите успеаја да ја мобилизираат и владејачката постава, така што во неделата функционерите на ВМРО-ДПМНЕ можеа да се видат, главно, на две места - на отворањето на скопската плажа или на некоја од телевизиите. Во меѓувреме, во етерот повторно почна да се врти спотот со кој ВМРО-ДПМНЕ потсетува на 2002 година, иако е нејасно зошто се избрани токму изборите со кои СДСМ се врати на власт, а Никола Груевски изгуби од Бранко Црвенковски во првата изборна единица.
Лично премиерот Груевски, пак, се впушти во калкулирање со бројката на присутни на митингот, обидувајќи се да ги минимизира ефектите од него и да ги релативизира пораките што му ги испрати лидерот на СДСМ од бината. Ден по протестот, Груевски превентивно ги преброи и своите коалициски партнери откако виде дека СДСМ и партиите од опозицискиот фронт не се единствените што почувствуваа потреба да го изразат своето незадоволство од власта.
Универзитетскиот професор, Никола Поповски, вели дека со доза на жалење гледа на изјавата на Груевски дека на протестот пред Владата се собрале само околу 8.000 лица. „На еден премиер не му прилега да настапува во јавноста со очигледни дезинформации“, коментира тој.
Од друга страна, Поповски посочува дека како долгогодишен функционер во СДСМ на митингот гледа и од еден специфичен агол: „Околу две третини од луѓето, кои на митингот стоеја во првата редица и потоа се качија на бината, се поранешни партнери или соработници на ВМРО-ДПМНЕ. Тие лесно би можеле повторно да поминат на другата страна. Затоа не гледам со голема доверба на тој потенцијал собран околу СДСМ“.
Според Поповски, опозицискиот митинг е одговор на неодамнешниот митинг на власта. Како што вели тој, секаде во светот е нормално опозицијата да протестира, а власта да гледа да ги стабилизира состојбите. Овде работите, очигледно, стојат поинаку, така што опозицијата почувствува потреба да возврати. „СДСМ подолго време е во сериозна криза, така што очекувано е да бара начин да се докаже како релевантен фактор на политичката сцена. Но, митингот сам по себе нема да смени ништо посебно. По недела навечер, доаѓа понеделник наутро и работите се враќаат во вообичаениот колосек. Оваа власт заслужува протест, заслужува да и' се покаже дека работите не се такви како што ги прикажува таа. Но, на СДСМ ќе му требаат уште многу напори за да ја увери јавноста во својата релевантност“, вели Поповски.
Аналитичарот Исмет Рамадани, пак, смета дека протестот е само почеток, но дека е многу значајно што опозицијата почнала посериозно да настапува.
„Колку посериозно настапува опозицијата, толку Владата ќе биде понесигурна, а шансите за предвремени избори ќе бидат поизвесни“, забележува тој. Според Рамадани, значајно е и тоа што паралелно се засилува и опозицијата во албанскиот блок, така што сега останува да се види како ќе се постави ДУИ и како ќе се бајпасира периодот до самитот на НАТО. „Однесувањето на ДУИ предизвикува дополнителна несигурност кај ВМРО-ДПМНЕ, која е соочена со можноста коалицискиот партнер во секој момент да ја напушти власта. Очигледно е дека релациите во коалицијата не се стабилни, и покрај обидите на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ да остават впечаток на меѓусебна соработка“, оценува Рамадани. Тој очекува во наредниот период се' повеќе да се намалува стравот кај граѓаните што не ја поддржуваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ, да се засили дебатата и да зачестат протестите. Така, како што вели, ќе се создаде клима што неминовно води кон предвремени избори.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и вчера се предупредуваа меѓусебно дека деновите на лидерите на нивните партии се избројани. Игор Ивановски, член на Извршниот одбор на СДСМ, оцени дека најдобар доказ дека ова е власт во заминување е нивното силеџиство, паника и безобразно лажење. „Може уште сто пати да пуштаат негативни спотови платени со народни пари, нивните партиски мегафони може до бесвест да ги повторуваат истите лаги и глупости... Но, едно треба да знаат - за предавството на македонскиот народ под маската на лажниот патриотизам наскоро ќе одговараат“, рече Ивановски.
Сашо Стефаноски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека најзначајно од се' е тоа што говорот на Црвенковски бил ист како неговите говори во 2002 година - „полни со напади, измислици и празни зборови“. „Разликата е тоа што во 2002 граѓаните му веруваа и му дадоа шанса, а денес граѓаните воопшто не му веруваат. Деновите на Бранко Црвенковски во политиката се избројани“, заклучи Стефаноски.
|