Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (3)

Лена ликвидирана по налог на Абас

Цветко Узуновски е сменет од министер за внатрешни работи поради соработкатa со Гестапо во Загреб, во 1941 година

Виктор Цветаноски

Партизанката Лена Стојческа во 1944 година не беше ликвидирана од ОЗН-а, таа тогаш не постоеше, туку по налог на Цветко Узуновски - Абас, кој по нејзиното формирање стана нејзин прв човек и подоцна министер за внатрешни работи. За тоа знаеја многумина борци, но никој јавно не прозбори се' до 1990 година кога „Нова Македонија“ јавно ги кажа имињата на наредбодавачот Узуновски и на извршителот на убиството, Ванчо Бурзевски. Тогаш за ликвидацијата говореа нејзините соборци, а денес и од документи може да се потврди како Абас посегнувал по туѓите животи за да стаса до највисоките врвови на власта.

Лазар Колишевски, негов баџанак, во јули 2000 година на МАНУ во завештание и' ја остави својата архива, околу 393.000 документи и 39.000 книги. Како што нагласи, тоа бил негов личен влог во истражувањето на историјата на македонскиот народ, кому сиот свој живот му го посветил и за кој се борел и страдал. „Со ова завештание ја изразувам мојата трајна љубов и почит кон Македонија“, пишува Колишевски. Огромната архива историчарите можеа да ја користат веднаш, но не и документите за Цветко Узуновски – Абас. Специјална комисија нив ги пломбира и по желба на некогаш првиот човек на македонската држава тие десет години подоцна, на 12 јули годинава, беа отворени.

За тоа како била стрелана Лена крунски документ е „Изложението“ на Ванчо Бурзевски - Лазо што го има напишано во декември 1944 година, во кое детаљно опишува зошто ја стрелал. Таа во нивната база во Дебарца дошла во мај 1944 година. Ја донел Абас за да работи на техниката и да учи дактилографија. Притоа рекол дека таа имала специјална задача, да преведува од грчки и на грчки, а бидејќи тоа не и' одземало многу време „би можела да се користи и за техниката“.

Според Бурзевски, кој подоцна стана професор на Економскиот факултет во Скопје и почина во длабока старост, на 91-годишна возраст, таа во базата останала околу два месеца. Тогаш кај неа не забележале никакво неморално однесување, освен што се држела послободно, пеела „слободни“ песни, „шарала“ со очите и др.

„Во разговор со другарите и другарките (мислам точно со др. Јакима и Рада) Ленка нагласува дека Абас е нејзин другар. Расправала како кога биле во Грција тој и' купуел долен веш, кошули, фустани и др. Кога нешто перела од тије работи се фалела - ’ова ми е од Абас‘. Како таја имала другар, кој многу си го сакала, ама Абас чисто и' се натурал и ако знајал да оти она си има другар, за право и ако му она нагласувала да си има другар кого си го сака. Абас да и' прво досаѓал со писма од које едно допрело и до рацете на нејзиниот другар кој во разјареност рекол. ’Јас ќе го утепам и Абас, па и тебе’. После Абас да злоупотребил својот положај: ги разделил - него во една бригада, а нејзе во друга, за право со себе е зел. За својте осеќаји према др. Абаса др. Ленка вели да го отпрвин не сакала но ’откако станавме другари, го засакав и сега си го сакам‘“, пишува во изјавата Бурзевски.

Сите овие искажувања Лена ги потврдила и пред него, а кога му ги пренел на Абас енергично ги отфрлил: „Она е луда“, „Зар си могол да во така нешто поверуваш?’, „Ти знаеш како сум јас строг по тија прашања?“, „Па, на мене партијата не би ми дозволила да е земам за другарка“. Бурзевски вели дека повеќе му верувал на Абас отколку на една Лена. Размислувајќи околу тоа во почетокот сметал дека интимна врска меѓу нив двајцата не била можна зашто со тоа би се урнал авторитетот на еден шпански борец, каков што бил Узуноски. „Луѓето имајат слабости, но такви слабости еден член на ЦК не може да има...“, констатира тој.

Меѓутоа, Лена продолжила и натаму да се фали за интимните односи со Абас. Истовремено кокетирала и со други партизани и, како што вели Бурзевски, ги терала „слабите“ да направат грешка со неа. Ги критикувала партизанките, членови на партијата, тврдејќи дека тие не можеле да повлијаат на обичните партизанки и тие станувале како нив.

Подоцна, во еден разговор во четири очи, Абас рекол дека ќе ја испрати во Преспа, а Бурзевски му одговрил: „Ја бих ја стрелал“. Меѓутоа, како што пишува, тој не го кажал како предлог, туку спонтано реагирал. Абас тоа го сфатил како добар предлог и предложил да се стрела тајно, без да дознаат другите партизани. Да се исценира судир со Германците и да се каже дека налетале на нивна заседа. Бурзевски подвлекува дека тие денови бил многу нервозен, а големата нервоза не можел да ја скрие ниту Абас.

Еден ден, кога разговарале за партиски работи, му рекол дека ќе го унапреди и врските со ЦК ќе оделе преку него, при што додал сам да ја испита работата и лично да преземе мерки во врска со Ленка.

„После некоје време, во базата добив писмо од др. Абаса, адресирано ’лично за Лазо‘ (партизанското име на Бурзевски м.з.). Во него пишуваше да вардам да целата работа сврши без шум“, пишува Бурзевски. По добивањето на писмото кај него се' повеќе се зацврстувало убедувањето дека Узуновски навистина имал интимна врска со Лена и на тој начин сакал да се ослободи од неа. И покрај тоа сметал дека таа, сепак, треба да се стрела посебно поради нејзиното некоректно држење кон другарките-партизанки и воопшто кон народната војска. Три дена размислувал што да прави. Во близина немало некој од повисоките раководители на партијата за да се консултира. Поединечно разговарал со другарите од ќелијата и од базата и сите биле таа строго да се казни, но не и да се стрела. На крај решил лично тој да ја ликвидира за, како што пишува, да не се крева голема врева и да не и' се нанесе удар на целата борба, иако бил убеден дека Абас имал интимни односи со неа и затоа наредил таа да биде стрелана.

Тој наведува четири причини зошто се решил на ваков чекор: Таа ширела неморал во војската и го оправдувала неморалот; ги наведувала послабите другари на грешка за да може подоцна да „шушка“ против нив и целата војска; за подбуцнување против другарките-партизанки во однос на нивната улога во НО војска и за подбуцнување против „нашите одговорни другари како тие, наводно, и' купувале комбинезони, фустани и друго“.

Бурзевски смета дека направил единствена грешка што своите сомневања во врска со Абас не ги соопштил на средбата на ЦК ниту, пак, на Обласниот комитет. Меѓутоа, новата власт тоа нема да му го земе за грев. По војната ќе зазема значајни функции.

Цветко Узуновски – Абас по ослободувањето стана прв министер за внатрешни работи на Македонија и човек што решаваше за судбината на многу македонски интелектуалци и постари револуционерни. На изненадување на јавноста, во почетокот на педесеттите години е сменет од сите функции. Тогаш дошло до жесток судир меѓу него и Колишевски. Во јавноста се говореше дека огромна количина злато, одземено од побогатите семејства, било поделено меѓу него и уште неколкумина моќници. Се шушкало и за луксузната, огромна вила што Абас ја изградил во Отешево.

За цело време јавноста сметаше дека аферата со златото и вилата биле главни причини за неговата елиминација од власта. Меѓутоа, дури сега, по шест децении, се дознаваат и други податоци. Во оставината на Колишевски има документ во кој се тврди дека Абас бил шпион на Гестапо. Во информација испратена од Јајинци на 18 октомври 1950 година, која, како што се наведува, била дополнување на поранешен извештај за него, пишува: „За време на работата на предметот на др. Иво Андрес, бивш министер за трговија на предвоената југословенска влада, денеска е најдена една белешка, која оди во прилог на поранешните податоци за Узуновски. Имено, под точка 4 се говори дека таа треба да му се даде на некој референт или агент ’Е‘ ’поради дополнување‘, а во заграда е напишано името ’Узун‘. Со оглед на досегашните искуства при проучувањето на архивата Хелма, може да се изведе логичен заклучок дека ставањето на името (Узун) во заграда, како и овде, всушност, е потсетник за соработникот на кого треба да се обрати во поглед на нови податоци. Доколу во Загреб немало германски аг��нти со ова презиме, логично е дека се работи за Узуновски Цветко, бидејќи неговиот престој во Загреб целосно се поклопува со времето од кое потекнува овој документ за Андрес т.е. јули 1941!“

Во тоа време југословенските власти го чешлале минатото на сите шпански борци по обвинувањата на Информбирото дека меѓу нив имало соработници на Гестапо, што подоцна навистина се потврдило.


#