Софија сака партнерство, а не пријателство со Македонија

Портпаролката на бугарското Министерство за надворешни работи, Весела Чернева, порача вчера дека пријателство не се постигнува со потпишување договор и дека тоа не е она што и' е потребно на Бугарија од Македонија, туку вистинско партнерство засновано врз заеднички цели и вредности.

„Она што ние го бараме повеќе е стратегиско партнерство, засновано на заеднички договорени вредности и цели. Пријателството не може да се потпише во договор. Партнерството што ние се надеваме да го развиеме треба да биде инструмент што ќе ја турка напред европерспективата на Македонија и на Западен Балкан. За таа да биде остварена сите земји- кандидати за ЕУ треба да ги исполнат барањата за членство, да се фокусираат на регионалната соработка и да развијат добрососедски односи“, изјави Чернева за „Утрински весник“ околу прашањето дали Софија крева раце од договорот за пријателство што и' го понуди на Македонија.

Одговорот е објаснување на интервјуто на бугарскиот шеф на дипломатијата, Николај Младенов, за софиско Ехо во кое изјави дека пред да се усогласат двете страни околу одредени прашања, нема поента да става потпис на договорот што лани Софија и' го понуди на Македонија. (С.Ј.)


#