Во Лажец не си велат ниту добар ден

Проблемот со џамијата во ова битолско село иако со години се провлекува како верски и политички, есенва стана и образовен. Две недели Македонците не ги праќаа децата на училиште

БИТОЛА - Напнатост, незадоволство, разочараност, мачна атмосфера завладеале во пограничното село Лажец. Ова се случува откако Советот на Општина Битола пред еден месец одлучи да се гради џамија на влезот од селото. Македонците и Албанците во Лажец престанале да комуницираат, а како што самите велат, немаат веќе ниту лав ниту муабет. Во Лажец има безброј невидливи граници, кои селаните сами ги поставиле и доследно ги почитуваат од оваа или од онаа страна. Во селото има две продавници, едната за Македонците, а другата за Албанците. Ниту за леб не се прекршуваат правилата. Сепак, и двете страни се согласуваат во едно, политиката е виновна за нарушување на соживотот. Ниту еднаш власта не се обидела да ги седне на маса двете страни и да се најде компромисно решение. Напротив, одлуките ги диригира Владата, велат мештаните.

Меѓу триста жители на ова погранично село, Македонците се само за десетина побројни од Албанците. Таму е тешко да се најде човек што ќе каже дека избраната локација за џамија е вистинското решение за продолжување на соживотот и толеранцијата во етнички поделеното Лажец. Додека Македонците јавно го манифестираат незадоволството, Албанците од Лажец велат дека ако продолжи вака, во селото ќе останат повеќе крави од луѓе.

„Ние сме селани. Што се разбираме од политика? Има умни глави во Владата, тие нека кажат. Нам ни треба џамија“, нагласува 84-годишниот Демир Таировски додека ги водеше кравите на пасење.

Жителите Македонци се со јасен став дека ако не се преиначи одлуката на Советот, ќе бараат азил во соседна Грција. Решени се да ги напуштат родните огништа, да ги продадат нивите и стоката и да побараат засолниште во туѓа држава. Македонците не се против изградба на џамија во селото за што предложиле неколку локации, но се противат објектот да никне на влезот од Лажец, и тоа среде куќите на Македонците.

„Џамијата ќе ја градат на шест метри од мојата куќа, а албанските куќи се на триста метри. Значи оџата четири пати на ден ќе ми пее над глава. За тоа ли се вратив од Америка и за тоа ли сите пари со брат ми ги донесовме овде во Македонија?“, растревожено зборува Васил Танчевски. Тој по дваесет години гурбет во Њу Џерси, се вратил во родното Лажец, изградил нова куќа и вложил во бизнис, надевајќи се на подобар живот во родната земја.

Заканите за политички азил во Грција според Македонците од Лажец, имаат голема тежина. Со изградба на џамија на самиот почеток на селото не само што се губи христијанскиот предзнак на овој крај туку, како што велат, се остварува замислата на фанатиците за Голема Албанија.

„Заканите за азил во Грција или во некоја друга европска земја не се шега. Оваа одлука на битолскиот Совет ги отвори раните што ги лекувавме со нашите соселани Албанци со години. Не само за Грција. За азил разговаравме и со претставник на ОБСЕ од Германија, од канцеларијата во Тетово, таа се согласи да помогне. Ќе тропнеме и на вратите на стра��ските претставништва во Македонија и ќе им го објасниме нашиот проблем“, вели Орце Дандушевски, претседател на МЗ во селото Лажец.

Револтирани од последните настани, Македонците од Лажец објаснуваат дека нивното село во последната деценија останало единственото место во пограничниот појас со Грција каде што доминира христијанско население. Во останатите погранични села, како што се Граешница, Жабени, Кременица, Албанците се далеку побројни од Македонците, но таму не бараат џамија.

„Ќе зборувам само за факти. Албанците бараат џамија само во селата по должина на границата со Грција и таму претежно се населуваат и купуваат имоти. Изградија џамија во Меџитлија и во Кишава. Сега единствено им преостанува да го направат тоа и во Лажец. Ние сме на средината од оваа линија. Ова е добро смилена стратегија. Континуирано вршат притисок врз нас да ги напуштиме родните огништа. Тие сакаат чиста територија, ја сакаат границата, за потоа да стигнат и до градот. Сакаат џамијата да се гледа уште од Грција. Знаете ли што ќе значи тоа за нашата држава? Кој ќе биде впечатокот на тие што ќе влегуваат во Македонија од Грција, дека ова е муслимански крај? Тука се работи за големи игри со кои ние како обични луѓе тешко ќе можеме да се справиме без помош од државата. Политичарите ветуваат само пред избори, а откако ќе станат власт, забораваат на гласачите“, вели револтирано Пеце Дандушевски додека со свои соселани Македонци разговараат на истата тема пред селската продавница.

Ваквите размислувања и стравувања Македонците од Лажец во три наврати ги отвориле и на средбите со премиерот Никола Груевски. „И на последната средба со Груевски во мај годинава јасно му ги кажавме намерите и му ја објаснивме ситуацијата. Предочивме дека ова што се прави со Лажец и околните села е истата работа што се случи со Тетово, Гостивар и во Дебар. Премиерот само одговори дека и тие се луѓе. Ние имаме согласност за изградба на џамијата. Каква согласност кога нас никој не не' прашува“, потсетува Васил Поповски, жител на Лажец.

Додека се бара виновникот за ситуацијата во Лажец пред селската продавница, младиот Стеван Туневски само кусо кажа дека му е смачено и од кавги и од политика, па затоа заминува за Австралија.

За две недели од Лажец се иселуваат две семејства со четири малолетни деца, едните за Америка, а другите за Австралија.

„Тука повеќе нема живот. Сите сме разочарани. Ќе заминам во Мелбурн. Од деца живееме со Албанците. За свадби се каневеме, ама сега не сакаме ни да се видиме. На што дојдовме? Најмногу сме разочарани од власта. Тие од власта излегоа предавници. Им верувавме на ветувањата“, вели Туневски.

На само двесте метри од продавницата во која пазарат Македонците од Лажец, на главниот пат што минува низ селото е лоциран и вториот колонијал, во кој пазаруваат само Албанци. Две жени веднаш предупредуваат, немојте да снимате оти после ќе имаме проблеми. Повозрасната, сепак, зборува.

„Што да ви кажам. Сите сме разочарани. Пред пет години овде живеевме како браќа, и Македонците и Албанците. Сега ниту добар ден не си велиме, ниту за свадби, ниту за погреби се гледаме. Така е кога има несогласување, едните сакаат џамија, другите не даваат. И нас ни треба џамија, тоа треба да го разберат. Каде и да посакавме да се гради, тие даваа отпор. Прво рекоа да не биде на сред село, потоа да не биде на влезот на селото. Да се градела покрај нивната црква, тоа е еден километар подалеку. Нашите верници и оџата не можат да одат со километри по четири пати на ден за да се молат“, потенцира Зара Камберовска од Лажец.

Таа се присетува дека последниот муабет со соселаните Македонци го имала во 2005 година кога била гостин дури на дваесет и пет свадби и веселби кај Македонци.

Проблемот околу изградбата на џамија во Лажец иако со години се провлекува како верски и политички, есенва стана и образовен проблем. Две недели Македонците од Лажец не ги праќаа децата на училиште со цел да извршат притисок и влијание врз државата за отповикување на одлуката на Советот на Битола. Бојкотот на наставата не ја вознемири власта. Сега Македонците од Лажец тврдат дека преговараат со властите во Лерин нивните деца да ги испратат во Грција на школување. (А.Б.)


#