Ќе нема ВИП-столче за Груевски?
По уништувањето на дел од трибините, управата преку ноќ ги замени обичните столчиња, зашто такви има на лагер, што не е случај со ВИП-от
Деспина Трајковска
Премиерот Никола Груевски за прв пат нема да се чувствува како „многу важна личност“, оти за него ќе нема соодветно столче за седење на отворањето на 40. издание на Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“ в четврток, на 11 ноември.
Неофицијално, управата на спортската сала „Борис Трајковски“, каде што ќе се одржува турнирот, не е во можност да обезбеди нови ВИП-столчиња, кои заедно со уште триста „обични“ седишта беа демолирани во минатонеделното дивеење на дел од публиката за време на скопското кошаркарско дерби.
Така, премиерот ќе треба да седи или на некое од столчињата наменети за обичните смртници или, пак, можеби воопшто нема да го отвори „Златен гонг“, настан што се наоѓа на неговата неделна агенда. Извори за „Утрински“ велат дека на извесната скопска фирма, која, практично, е посредник за опремување на дел од салата, уште во петокот и' било укажано дека итно мора да обезбеди нови ВИП-столчиња, бидејќи премиерот треба да го отвори „Златен гонг“, а непримерно и несоодветно било тој да седи на обично столче меѓу публиката. Сепак, од оправдани причини, тоа нема да биде изводливо.
Како што напоменува нашиот извор, минимални се шансите столчињата да се испорачаат и да се монтираат до четврток. Првенствено, затоа што допрва треба да се изработуваат оти за нашата спортска арена тие, всушност, се вонсериско производство поради бојата. Изработени се од еден вид екокожа во црвено-жолта комбинација. Во случајов, како што посочува нашиот извор, залудни се инсистирањата за обнова на ВИП-ложата, која дури не може ниту приближно да се приспособи за да може премиерот, сепак, да седне на предвиденото место. Рамките биле специјално изработени и наменети исклучиво за таков вид столчиња. Според најавите, ВИП-столчињата, кои се изработуваат во Шпанија, евентуално би можеле да се испорачаат некаде кон крајов на ноември.
Директорот на салата, Ратко Капушевски, вчера не беше достапен за да ги потврди нашите сознанија и да каже како евентуално ќе обезбеди место за седење на премиерот, соодветно на тоа што налага протоколот.
Инаку, по уништувањето на дел од трибините, управата на „Борис Трајковски“ речиси преку ноќ ги замени обичните столчиња, зашто такви има на лагер, што не е случај со ВИП-от.
Само од демолирањето на „специјалните“ столчиња, направена е штета од над 10.000 евра, додека според првичните процени на надлежните, вкупната штета од дивеењето на публиката изнесува околу 50.000 евра. |