20.12.2012, 14:00

(ФОТО) Неуспешен обид да почне судењето за „Монструм“



Судот го одложи процесот по Нова година, за да можат обвинетите да ги разгледаат доказите

Љубиша Станковиќ

ФОТО: Петр Стојановски

Четворица од вкупно шестмина обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро денеска беа донесени во Основниот суд Скопје 1, со што почна процесот за случајот „Монструм“. Бранителите на Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири побараа пролонгирање на стартот поради тоа што немале увид во доказите кои се насочени против обвинетите за тероризам и за помагање во извршување тероризам.

На барањето на адвокатите, кое подоцна беше прифатено и дозволено од судот, се спротивстави јавниот обвинител Гордана Гешкоска, која смета дека обвинетите имале доволно време да извршат увид во списите. За застапникот на обвинението барањето на одбраната претставува обид за одолжување на судската постапка.

„Не само обвинетите, туку и јас како нивни бранител имав само делумен увид со списите. На неколку пати воопшто и не бев повикуван во судот и тоа кога се преземаа одредени истражни дејства. Затоа сметам дека забелешката на Обвинителството дека се работи за одолжување на постапката не стои“, изјави адвокатот Насер Рауфи, бранител на дел од обвинетите.

Судот донесе одлука на Африм Исмаиловиќ и на Алил Демири да им се суди во отсуство. Исто така на обвинетите и на нивните бранители им се дава време до идната недела да ги проучат доказите. Судењето ќе продолжи по Нова година.



Во големата трагедија која се одигра на 12 април оваа година, на Велики четврток, од рафални истрели од огнено оружје, испукани од само 1,5 метри оддалеченост, смртно беа застрелани Цветанчо Ацевски (19), Кире Тричковски (21), Александар Накевски (18) и Филип Славковски (20). Во Борче Стефановски (45), од скопското село Црешево, било пукано од оддалеченост од околу 50 метри, додека како очевидец на настанот, се обидел да побегне кон неговото возило.

На бруталното петкратно убиство му претходел уште побрутален план, кој го договориле петтемина обвинети за тероризам. Тие се договориле да извршат убиства на повеќе лица од македонска националност со што ќе внесат страв и несигурност, а локацијата за извршување на нивниот план било Железарското Езеро на кое право на концесија имал Фејзи Азири. Во неколку наврати извршиле обиколка на езерото, најверојатно со намера да го следат движењето на лицата кои наминувале во реонот на езерото и на тој начин да извршат избор на нивните потенцијални жртви.

Реализацијата на планот траела само десетина минути, а потоа Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, со уште неколку непознати лица, се дале во бегство со автомобил „опел омега“. Братот на Африм, Агим Исмаиловиќ, и уште неколкумина други непознати успеал да побегне со друго возило.

Обвинетиот Сејди Рами, кој пред, но и по извршеното злосторство, одржувал контакти со лица кои биле употребени како логистика на терористите, заминал во скопско Белимбегово, на фармата на Фејзи Азири. Тој им помогнал да побегнат на Косово, две недели по крвавиот настан.