Останете со „Утрински весник“
Почитувани читатели,
Точно 12 години колку што постои „Утрински весник“ ме читавте како автор - проследувач на политичките настани и состојби во државата. Отсега ќе бидам и главен и одговорен уредник на „Утрински весник“. Ќе се потрудам заедно со новинарите и со уредниците да ви понудам интересно четиво, но овој пат на поинаков начин отколку досега.
Новинарскиот производ, било да се работи за телевизиска или за пишувана сторија, е како храна. Или ќе ви остави добар вкус и повторно ќе ја консумирате или нема повторно да и' се вратите. Тоа значи дека не смее да биде премногу зачинета ниту да има премногу состојки што ќе ви предизвикаат мачнина во стомакот. Треба да биде така создадена за да можете со кеиф да ја сварите. Ние ќе се придржуваме кон тие правила.
Новинарството во Македонија се најде во криза, и тоа не само финансиска, туку и криза на идентитетот, моралот, етиката, стручноста и професионалноста. Весниците и телевизиите повеќе не поставуваат свои агенди, туку целосно им се предадоа на агендите на политичарите и на бизнис-елитата. Новинарите се' повеќе се само гости во своите написи и телевизиски прилози. Тие се повлекоа од медиумите и своето место им го отстапија на разно-разни експерти, кои своите политички ставови ги пласираат како експертски мислења. Тие говорат наместо новинарите. Ги запоседнаа скапите страници на весниците и лапаат ексклузивни минутажи на телевизиите. За мене од неразбирливи причини, им ја предадовме ним нашата професија.
„Утрински весник“ целосно ќе се посвети на она што се нарекува вистинско новинарство. Ние нема да се криеме зад експерти и аналитичари. Се разбира, ќе ги користиме нивните мислења, но онаму каде што навистина е потребно, а новинарите се тие што ќе мора да застанат зад своите написи и да носат одговорност за нив.
Ќе го развиваме и граѓанското новинарство. Многумина велат дека македонските медиуми се оптоварени со политика и затоа немаат тиражи и гледаност. Јас мислам дека нема премногу политика, туку дека се создава таков впечаток бидејќи отсуствуваат стории што обработуваат граѓански теми. Затоа, отсега па натаму, ќе му се посветиме и на тој дел.
Дали ве интересира каде најдобро може да се јаде во Скопје и во други градови и во кои ресторани услугата е најдобра? Дали сакате да прочитате приказна за девојката што добива награди во светот, а тука е анонимна? Дали можеби сакате да интервјуирате некоја позната личност? Што велите на тоа еднаш неделно да ве почестиме со озборувачка колумна? Имате ли прашање до некого што само „Утрински весник“ може да го проследи и да ви врати одговор?
Подгответе се за една нова врска, нов почеток, меѓу вас, почитувани читатели, и „Утрински весник“ затоа што ние сме подготвени. Новото време носи нови предизвици.
Некои велат дека во ерата на интернетот и општата дигитализација во секојдневното живеење весниците повеќе немаат шанса. Јас не се согласувам. Сметам дека новинарството, и тоа печатеното, добива нова шанса. Ако весниците на Запад, таму каде што јавноста е многу пребирлива и каде што интернетот е далеку поприсутен, успеваат да ги обноват своите тиражи, зошто не и ние?
Нема да се жалиме на притисоци, кочници и ограничување на новинарските слободи во битката што ни претстои. Новинарската слобода се освојува, а не се подарува. Веќе стана здодевно да се слушаат лелекањата на новинарството. Ние тешкотиите ги сметаме за составен дел на оваа професија.
Бидете живи, здрави, среќни и весели и читајте „Утрински весник“. Отсега натаму наша цел е да ви се исплати секој „ден“ даден за „Утрински весник“.
Со срдечен поздрав
Соња Крамарска |