01.01.2012, 12:08 Светот ја пречека Новата 2012 Година
Милиони луѓе ширум светот синоќа ја пречекаа Новата 2012 Година, со спектакуларни огномети на градските плоштади, но и со се присутниот страв од продолжувањето на економската криза во Европа и оваа година.
Голем број луѓе излегоа на улиците на Лондон, а најлудата ноќ е пречекана и кај Колосеумот во Рим, Бранденбуршката порта во Берлин и на Елисејските полиња во Париз.
Во Берлин повеќе стотици илјади луѓе се собраа кај Бранденбуршката порта на огромната забава со прекрасен огномет и настап на повеќе познати рок групи.
Во Лондон околу 250.000 луѓе се собраа пред Биг Бен, а огнометот го осветли небото над британската престолнина.
Во Мадрид повеќе десетици илјади млади луѓе ја пречекаа Новата Година низ улиците на градот и на забавите кои градските власти ги организираше во најголемите спортски сали.
Во Рим на новогодишниот концерт присуствуваа околу 300.000 посетители.
Илјадници жители на Москва традиционално ја пречекаа Новата Година на Црвениот плоштад со музика, огномет и шампањ, а многу од нив во 2012 година влегоа на лизгалки, бидејќи на најголемиот плоштад во рускиот главен град пред еден месец беше поставено огромно лизгалиште.
Низ улиците во центарот на Виена, со огномет и звуците на валцерот, Новата 2012 Година ја пречекаа дури 800.000 Виенчани и странски туристи. На вкупно 13 локации во центарот на градот и на Пратер биле поставени бини на кои се појавиле уметници од различни музички жанрови. Точно на полноќ започна и огнометот на плоштадот Халденплац, а плоштадот Грабен беше претворен во најголемата балска сала на светот, каде се играше валцер, а посетителите со бесплатни часови од страна на виенските училишта за танц можеа да ги вежбаат сите видови на танци.
Први јануари на американскиот континет пристигна од три часот по полноќ по средноевропско време, а во Њујорк во шест часот, каде на познатиот „Тајмс сквер“ беа собрани околу еден милион луѓе.
Во австралискиот град Сиднеј, еден од првите кои ја дочекаа Новата 2012 Година присуствуваа повеќе од милион и половина луѓе, на еден од најпознатите мостови во светот, уживајќи во светлечкото шоу.
|
|