ЕУ го зеде главниот збор околу името
Ако Македонија спие и натаму, Брисел ќе ги води преговорите во Њујорк
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Европските лидери повторно го зедоа главниот збор околу спорот за името на Македонија, враќајќи не' пред Лисабонската декларација и покажувајќи ја целата стерилност со која ја водат надворешната политика, која и ним самите веќе им се удира од глава во Европската унија. Откако покажаа неспособност да ги решат кризите во регионот, единствената земја со која колку толку можеа да се пофалат дека со нивна помош стана успешен мултиетнички модел сега се на пат да ја вратат назад, бидејќи на самитот што се одржа минатата недела покажаа дека кога се во прашање интересите на една земја-членка, и генералната политика на ЕУ може да биде жртва.
Ароганцијата со која францускиот лидер Никола Саркози пред стотици новинари изјави дека е „на страната на Грција“ потврди дека Македонија е исправена пред политичка тортура без мерка, такт и без никаква гаранција дека ако искрено сака да преговара, може да дојде до заеднички прифатливо решение за името.
Во ЕУ, очигледно, заклучија дека ваква тешка одлука, каква што е самоиницијативната промена на името на државата, е можна само ако не' соочат со тешка ситуација, бидејќи тежината на околностите ќе ја оправдаат и тежината на одлуката. Малку беше тоа што по ветото од НАТО значајно се дестабилизираше состојбата во државата, па ЕУ побрза да ни стави вето и за датумот за преговори, кои патем не значат ништо ако во Унијата нема политичка волја да се завршат воопшто, како што и' се случува веќе со години на Турција.
За разлика од САД, кои во преговорите се водеа од силата на аргументите и од состојбите, ЕУ се води од силата на инструментите што ги поседува, а тоа може да биде само гаранција дека идните шест месеци од француското претседателствување до Македонија ќе стигнуваат ултиматуми, а во најдобар случај датум за почнување преговори во декември кој ќе се активира тогаш кога Грција ќе биде задоволна од името што ќе го прифати нашата држава. Иако во Атина глумат дека се противат на најавите за датум на Македонија, реално со француска и европска помош тоа е единствениот начин да го удвојат влогот и да не' убедат дека загубата за државата ќе биде преголема ако, поради името, останеме без реалната, а не имагинарна перспектива во НАТО и во Европската унија. Сите потези и одлуки досега водат кон тоа дека ЕУ подготвува букурешка формула, бидејќи ако не ни дадат нешто поконкретно, нема ни шанси да не' стават на преговарачка маса на која Македонија треба само да дава отстапки, а Грција да става ултиматуми.
Најкратко кажано, по самитот во петокот стана сосема јасно дека Брисел се подготвува да го трампа датумот за преговори со решение за спорот околу името, а осумте критериуми на Оли Рен се само декор, бидејќи прогресот во евроинтегрирањето секогаш било политичка одлука. За да се замаскира сето тоа, беше усвоен еден квази-заклучок за Македонија, во кој имаше најава за датум, но и не, бидејќи имаше премногу ако, а спорот околу името беше споменат како услов, но делумно и не, бидејќи се најде надвор од делот каде што се набројуваа условите за датумот.
Каде беа македонските дипломати и политичари додека се подготвуваше ваквото сценарио во Брисел е посебна работа, бидејќи се појавија во ЕУ кога разбирањето за ставовите на Македонија исчезна сосема. За владата на Груевски ова ќе бидат најтурбулентните шест месеци или повеќе, бидејќи ваквите силни притисоци однадвор ќе ги засилат политичките притисоци однатре, а за остварување некакви суштински реформи нема ни да има простор.
Другата лоша вест што ни стигна од ЕУ минатата недела беше разногласието околу околу тоа ќе има ли или не проширување откако падна Лисабонскиот договор, за кој овде упорно се вели дека само „се одлага“. Лошата вест не е дека ��ез Договорот нема технички простор да се примаат нови земји-членки, туку тенденцијата да се искористи проширувањето за внатрешно препукување меѓу лидерите на ЕУ кои сакаат ратификација сакале гласачите или не и оние кои не се расположени да ги затворат очите пред ирскиот референдум.
Парадоксот е дека лидерите кои најмногу го поддржуваат Лисабонскиот договор (Ханс Герт Потеринг, Ангела Меркел, Никола Саркози и Жан Клод Јункер) сега тврдат дека без него нема прием на нови земји-членки, а оние кои не му се толку во прилог не гледаат никаква пречка и без него да продолжи процесот. Кратко кажано, лидерите кои го сакаат Договорот го проблематизираат проширувањето за да ги притиснат тие кои не гледаат логика во продолжувањето на ратификувањето. Зашто, ако можеше Грција да и' стави вето на Македонија, тогаш и Саркози можеше да стави вето на заклучокот дека членството во ЕУ е ултимативна цел за земјите од Западен Балкан, место да праќа театрални пораки од прес-конференцијата дека ирското „не“ за Лисабонскиот договор е и „не“ за нови членки.
Во ЕУ одамна имаат расчистено со перспективата на регионот, но немаат со тајмингот, и не случајно на секои три месеци ја реафирмираат нивната поддршка за членство на земјите, бидејќи без тоа нема да имаат никакво влијание во Западен Балкан. Проширувањето е морковот, бидејќи кој би ги слушал нивните совети и барања, од кои некои политички болни (како независноста на Косово), ако нема перспектива во евроинтеграцијата. Дури и да се затвори ЕУ-перспективата со Лисабонскиот договор, ЕУ секогаш може да отвори нова со нови документи ако има политичка волја да го интегрира регионот, како што пишува во сите документи. Ако нема, ни Лисабон нема да ни е на помош. |