Руска и кинеска амбасада во касарната „Илинден“
Општина Бутел ги почна подготовките на својата територија да ги добие дипломатските претставништва на двете големи светски сили Русија и Кина.
Советниците вчера ја усвоија иницијативата за изработка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитетот на касарната „Илинден“, каде што би требало да се градат двата објекта. Станува збор за две парцели што ги дели Римскиот аквадукт.
Агенцијата за просторно планирање треба до 28 септември да го определи опфатот и границите со вкупната површина на земјиштето кое треба да влезе во ДУП, кој потоа, пак, треба да се усогласи и со ГУП, за чии измени и дополнувања е надлежен Градот.
Просторот на кој се наоѓаат магацините на поранешната касарна „Илинден“ е дефиниран со одлука на Владата за пренамена на касарните. Освен Општина Бутел, дел од опфатот на предвиденото земјиште за градба е територија на Општина Карпош.
Парчињата земја на Општина Бутел се протегаат лево од булеварот „Словенија“, односно кај задниот двор на касарната „Илинден“, кај стариот Качанички пат. Поточно, двете парцели се наоѓаат во делот на булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Словенија“, „Македонско-косовска бригада“ и фабриката „Типо“. (Сн.К.) |